Јавна презентација на Нацрт- стратегијата за реформа на правосудниот сектор со Акциски план за период од 2017-2021  
     
 

12.09.2017

 
 

Работната група за изготвување на Нацрт-стратегијата за реформа на правосудниот сектор при Министерството за правда , во Охрид одржа работна средба при која беше презентирана Нацрт – стратегија за реформа на правосудниот сектор со Акциски План.

„Владата има цврста одлука и политички консензус за одлучни реформи во правосудниот сектор во насока на враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем, подобрување на пристапот до правда за сите граѓани, целосно владеење на правото и инсталирање на меритократијата во овој сектор“ – истакна министерот за правда Билен Саљији при неговото обраќање пред медиумите. За таа цел испрати покана до партиите, особено оние од опозицијата, да дадат подршка во подготовката и носењето на сите идни законски проекти кои произлегуваат од оваа Нацрт -стратегија а кои се исклучиво во интерес на граѓаните на Република Македонија.

На средбата се обрати и заменик министерот за правда, Оливер Ристовски кој особено се осврна на начинот на кој се одвиваше оформувањето и изработката на оваа Нацрт-стратегија. Го истакна значењето на инклузивноста на стручната фела и општата јавност во процесот на создавање на Нацрт-стратегијата и укажа на заложбата за целосна транспарентност кон јавноста во следниот период.

„На крајот, ова е сеуште нацрт, ние нашата заложба за целосна отвореност кон јавноста доследно ќе ја почитуваме и во наредниот период. Прво, оваа Стратегија заедно со Акцискиот план ќе ја објавиме целосно на веб страницата на министерството како и на Единствениот Национален Електронски Регистер (ЕНЕР), што досега не било пракса. Во наредните дваесетина дена целата јавност ќе може да ја прочита, анализира и да даде свои сугестии на овој значаен документ. Откако ќе ги обработиме тие сугестии, таа ќе влезе во владина процедура, но принципот на инклузивност не завршува ни тука. Од оваа Стратегија ќе произлезат многу законски решенија од кои најважните се клучни системски закони како: Законот за судови, Законот за јавно обвинителство, Законот за Судски Совет, Законот за Совет на јавни обвинители“ – изјави заменик министерот за правда, Оливер Ристовски.

На средбата, Претседателката на Работната група, проф.д-р Ана Павловска – Данева ја претстави суштината на Нацрт-стратегијата, потенцирајќи ги клучните и конкретни насоки за реформа на правосудниот сектор. Независност и непристрасност, унапредување на квалитетот на институциите што го сочинуваат правосудниот сектор, одговорност, ефикасност и транспарентност, беа наведени како водечки принципи при создавање на овој стратешки документ.

„На крајот потенцирам дека е невозможно накусо да се образложат сите мерки кои се предвидени во овој документ, затоа ве повикувам да го прегледате, прочитате и анализирате, а во наредниот период Работната група ќе биде на располагање да ги слушне, и онаму каде е соодветно да ги имплементира евентуалните сугестии на општата јавност“ – рече проф. д-р Ана Павловска – Данева.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk