
Денеска во
Министерството за правда се одржа состанок
на кој се утврди потребата за
измени и дополнувања на Законот за слободен пристап до информации од јавен
карактер. На состанокот покрај
министерот за правда Билен Салији, присуствуваа
и претседателот и заменикот претседател на Комисијата за заштита на
правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Ѓорѓри Сламков и Блерим Исени, како и претставници на повеќе
невладини организации и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски
работници.
Министерот Салији рече дека и согласно Заклучокот на Владата на
Република Македонија во најскоро време ќе се формира работна група која ќе ги
разгледа сите доспеани предлози за измени на Законот, кои што до Министерството
за правда ги доставија невладините организации и Комисијата за заштита на
правото на слободен пристап до информации од јавен карактер по одржаната Јавна
дебата за можни измени во Законот за слободен пристап до информации од јавен
карактер пред крајот на минатата година.
На денешниот состанок
беше речено дека со измените кои ќе бидат донесени ќе се подобри примената на
Законот и ќе се зголеми транспарентноста
и јавноста во работата на институциите. Воедно министерот Салији потенцираше
дека активностите што се преземаат се само уште една потврда на определбата на
Владата на Република Македонија за отвореност и јавност во работењето и непречено
информирање на граѓаните за нејзината и за работата на институциите во земјава.