Поддржан четвртиот извештај за спроведување на Стратегијата за реформи на правосудниот систем  
     
 

09.11.2007

 
 

Советот за реформи во правосудството денеска го поддржа Четвртиот извештај за спроведување на Стратегијата за реформи на правосудниот систем, констатирајќи одреден напредок и детектирајќи ги прашањата кои треба да бидат во фокусот на вниманието во наредниот период во насока на зајакнување на самостојноста, независноста и ефикасноста на судството во целина.

- Советот укажа на што побрзо донесување на законот за јавно обвинителство и на законот за Советот на јавни обвинители, бидејќи се работи за битни закони на кои долго време се чека, рече министерот за правда Михајло Маневски по завршувањето на состанокот.

На Советот беше истакнато дека е недопустливо во јавните обвинителства и во судовите да нема ниту еден приправник и оти оваа состојба е неповолна. Министерот Маневски рече дека треба да се искористат младите правници кои знаат јазици и компјутери и кои треба да бидат ставени во функција на судовите.

Според министерот за правда, Законот за јавно обвинителство се уште важи, се додека не биде ставен вон сила со донесување нов закон за јавно обвинителство.

Професорот Гордан Калајџиев од Правниот факултет во Скопје осврнувајќи се на изборот на јавните обвинители истакна дека најдобро е решението да се бара во непосредна примена на Уставот со определена примена на одредбите од постојниот закон.

- Не мора се во детали да се уреди со нов закон. Има две можности - или да се најде технички решението како што е сега, или пак да се одложи прашањето до донесувањето на законот кој би ги решил овие контраверзи, рече Калајџиев. Прашањата кои останаа спорни во Законот за јавно обвинителство, како што посочи, не се суштински и повеќе се прашања на каприц меѓу политичките партии и треба да се надминат. Калајџиев смета дека треба да се почека со изборот на јавни обвинители до донесувањето на нов закон за јавно обвинителство.

Според професорот Владо Камбовски, донесувањето на многу важни закони е застанато на патот од Владата до Собранието на Република Македонија и тие, како што додаде, се префрлени на партиско договарање.

            - Најдобро е кога се работи за закони од европската агенда сите внатрешно-партиски разлики да се надминат. Пратениците мора да понесат свој дел од одговорноста, бидејќи тука не може да се прават партиски пресметки, додаде Камбовски.Тој посочи дека реформите во судскиот систем одат забавено.

 - Од усвојувањето на уставните амандмани во 2005 година, па се до сега на прагот на 2008 година не се донесени клучни закони посебно во областа на јавното обвинителство, додаде Камбовски.

На состанокот беше укажано и на одредени слабости во законите за судовите, за академијата за обука на судии и обвинители, за судскиот буџет, за медијација, кои беа првите закони донесени од областа на судските рефори.

- Практиката покажа и резултати од примената на овие закони, но и одредени слабости кои треба да се надминат со нивна амандманска измена, рече министерот Маневски.

Министерот за правда додаде дека се подготвени и се доставени уште педесеттина закони до Владата и до Собранието со кои ќе се надгради правната регулатива.

Советот за реформи во правосудството на денешниот состанок заклучи Извештајот да се достави на разгледување до Владата, а потоа и до Собранието на Република Македонија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk