Презентирана ИКТ Стратегијата за правосудството 2007-2010 година  
     
 

26.11.2007

 
 

Денеска во просториите на Клубот на пратеници беше презентирана  СТРАТЕГИЈАТА ЗА ИНФОРМАТИЧКО КОМУНИКАЦИСКА ТЕХНОЛОГИЈА ЗА ПРАВОСУДСТВОТО 2007-2010.

Отворајќи ја презентацијата  министерот за правда  Михајло Маневски истакна дека воспоставување и развивање на модерно  и автоматизирано правосудство во Македонија  засновано на информатичко-комуникациска технологија  согласно европските и меѓународни стандарди, е главната цел на Стратегијата за информатичко-комуникациска технологија   за правосудството 2007-2010 година.

 Со новиот информатички систем преку компјутерско-комуникациска технологија предмeтите во судовите ќе бидат распоредувани според редот на пристигнување со што ќе се обезбеди поголема одговорност на судиите и судските службеници. Согласно новиот судски Деловник, како што посочи  министерот Маневски, од 1 јануари 2008 година во судовите во Македонија ќе се врши електронски упис, водење и распределба на предметите.

  За таа цел Министерството за правда од 1 септември спроведе обука на административниот кадар во судовите кој треба да ја имплементира оваа Стратегија . За таа цел досега се обучени  околу 250  лица.

 Со Стратегијата , меѓу другото, треба да се постигне поголема ефикасност на правосудството што подразбира воведување нови методи за работа, транспарентност и ажурност на судскиот систем, достапност и дистрибуција на јавните информации, брз пристап до законодавството и судската пракса, како и поддршка во борбата против корупцијата.

  Целта е секој судија, јавен обвинител, секој вршител на судската функција, секој нотар и медијатор, судската постапка да ја направат поефикасна и да се користат податоци за да се дојде побрзо до правдата, посочи министерот Маневски.

Стратегијата која ја подготви работна група од Министерството за правда а ја усвои Владата на Република Македонија претставува еден од националните приоритети на Владата на Република Македонија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk