Министерот Маневски: новинарски прашања - ИКТ стратегијата  
     
 

26.11.2007

 
 

Предметот за сообраќајката во која загина Тоше Проески се преведува и деновиве ќе биде предаден до надлежниот Јавен обвинител за натамошно постапување, информира министерот за правда Михајло Маневски по денешната презентација на Стратегијата за информатичко-комуникациска технологија за правосудството.

Одговорајќи на новинарско прашање за барањето на швајцарскиот парламентарец Андреас Грос за отворање нова истрага околу уривањето на „кингерот“ во кој загина претседателот Борис Трајковски, Маневски рече дека треба да биде верифицирана секоја иницијатива која оди во правец на доразјаснување на определени околности за кои постојат недоречености и нејаснотии, како и за утврдување на сите елементи и околности во врска со трагедијата.

На прашањето до каде е случајот со становите купени од Агенцијата за инвестиции и развој, а ставени под хипотека од приватната фирма „Конартис“, Маневски рече дека Министерството за правда секоја поплака од граѓаните ја испитува на соодветен начин и предлага мерки до Комората на извршители и до Нотарската комора во случаи кога наидува на непочитување на законите од нотарите и извршителите.

- Во минатиот период се покажа дека непочитувањето на законите доведе да се загуби довербата во работата на нотарите, а сега и на извршителите како што се аферите „Фиком“ и заверката на хипотекарни договори. Нотарите и извршителите кои нема да постапуваат согласно Законот ќе бидат изложени на дисциплинска одговорност, додаде Маневски.

Тој информира и дека до крајот на годинава или во почетокот на наредната треба да заврши обуката на македонските судии кои треба да работат на четирите случаи што Хашкиот трибунал реши да и ги врати на Македонија. Четири групи судии престојувале во Хашкиот трибунал, а во Судот во Сараево учествувале на обуки во Академијата за обука на судии и јавни обвинители за примена на Меѓународното хуманитарно право.

Во врска со Законот за медијација министерот за правда рече дека има многу слабости и недоречености и токму заради јакнење на функцијата на медијаторите ќе се оди кон тоа да се направат измени на Законот или да се донесе нов закон за медијација тргнувајќи од искуствата на други земји каде што има високо развиен систем за медијација.

- Медијацијата е многу значаен сегмент во судството со цел да се намалат трошоците на граѓаните, да се доближат ставовите и да се разрешат споровите без многу долги постапки, рече Маневски, додавајќи дека Министерството за правда ќе ја поддржува медијацијата и ќе презема напори да се реализира Законот за медијација и истиот да се надогради.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk