Законот за бесплатна правна помош исполнување на начелото за социјална држава  
     
 

03.12.2007

 
 

             Денеска во Штип се одржа втората јавна расправа за Законот за бесплатна правна помош. Во воведното излагање заменик министерот Сашо Василевски рече дека можноста за еднаков пристап до правдата е причината за донесувањето на Законот.

              Во членот 9 од Уставот на Република Македонија,  е пропишано дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотната и општествената положба, со што на сите граѓани во државата им се обезбедува еднаков пристап до правдата и институциите на системот, рече заменик министерот Василевски и додаде дека без оглед на вака прокламираното право, факт е дека имотната состојба на граѓаните во голема мерка го ограничува користењето на ова со Устав загарантирано право.

                   За граѓаните начелото на еднаква можност не значи само гарантирање на исти права од областа на материјалното право, туку граѓанинот да биде во положба која Ќе овозможи запознавање со неговите права и истите да може реално да ги оствари”, потенцира заменик министерот Василевски. Тој оцени дека со предложениот закон државата Ќе ја симне “бариерата на трошоци” како пречка за остварување на одредени права.

        Во расправата учествуваа претставници на основните судови од подрачјето на Апелацискиот суд Штип, од невладини организации и Здруженијата на правници и на млади правници.

       Претседателот на Апелациониот суд Штип, Боге Илиев рече дека е очигледна потребата од донесувањето на ваков закон и даде конкретни забелешки во насока на подобрување на текстот на Законот. Судијата Никола Светолик смета дека треба да се има во предвид постојната ситуација во земјата и дека во текстот на Законот да бидат вклучени и невладините организации како даватели на бесплатна правна помош.

      Во расправата беше констатирано дека е потребно да се изнајдат механизми за прецизирање на финансирањето на невладиниот сектор, ако биде вклучен.

     Беше речено дека Министерството за правда преку подрачните единици има капацитет да го спроведе Законот и да им помогне на лицата кои имаат потреба од бесплатна правна помош.

      Во предлогот за донесување на Законот за бесплатна правна помош се вградени препораките и Резолуциите на Советот на Европа од оваа област, а самиот предлог на закон е систематизиран во седум глави и содржи 41 член во кој е разработен системот на давање на бесплатна правна помош.

           Денешната јавната расправа беше реализирана во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk