Законот за бесплатна правна помош чекор напред во усогласувањето со европското законодавство  
     
 

07.12.2007

 
 

           „Потребата од овозможување на еднаков пристап до правдата за сите граѓани на Република Македонија е основната причина за изготвувањето на Предлог Законот за бесплатна правна помош“, рече заменик министерот за правда Сашо Василевски на денешната трета јавна расправа во Битола. Тој потенцира дека со донесувањето на овој Закон ќе се помогне во остварувањето на  членот 9 од Уставот на Република Македонија во кој  е пропишано дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотната и општествената положба. Заменик министерот Василевски додаде дека без оглед на вака прокламираното право, факт е дека имотната состојба на граѓаните во голема мерка го ограничува неговото користење.

           Во јавната расправа на која беа поканети претставници на судството од апелационото подрачје на Битола, невладини организации и здруженија и Адвокатскката комора се оцени дека донесувањето на овој Закон ќе им помогне на граѓаните да го остварат правото на пристап до правдата. Воедно со тоа ќе се приближиме до европското законодавство, што е приоритет на нашата земја на патот кон членство во Европската унија.

             Претседателот на Аплеациониот суд Битола Кице Јузевски рече дека предлогот на законот е добар, но треба да се направат некои доусогласувања . Тој додаде дека е многу важно во законот како даватели на правна помош да бидат наведени и невладините организации, кои веќе со години ја вршат таа дејност. И другите учесници на расправата сметаа дека вклучувањето на невладиниот сектор ќе помогне во подобрата имплементација на Законот за бесплатна правна помош.

              Заменик министеорт Василевски рече дека основната цел на законот е еднаков пристап на сите граѓани до институциите на системот преку запознавање, остварување и овозможување на ефективна правна помош. Тој потенцира дека во предлогот за донесување на Законот за бесплатна правна помош се вградени препораките и Резолуциите на Советот на Европа од оваа област, а самиот предлог на закон е систематизиран во седум глави и содржи 41 член во кој е разработен системот на давање на бесплатна правна помош.

              Денешната јавна расправа беше организирана во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Македонија. Претходно беа одржани јавни расправи на подрачјата на Апелационите судови во Скопје и во Штип.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk