Свечено отворен Управен суд – Скопје  
     
 

10.12.2007

 
 

Денеска свечено беше отворен  Управен суд Скопје. На свеченоста присуствуваше претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски , министерот за правда Михајло Маневски , претседателот на Судскиот совет Беќир Исени и бројни гости и преставници на домашни институции и меѓународни организации..

Управниот суд брои 18 судии, кои беа избрани за судии  на 29 октомври 2007 година, а за претседател на Судот е избрана Розалија Кочковска. Судиите  поминаа 60 часа обука во Академијата за обука на судии и јавни обвинители, а им претстои и обука со странски експерти. Судот е сместен во комплексот на „Македонска пошта“ во центарот на Скопје.  

            Официјалниот старт на Управниот Суд  денеска го означи премиерот Никола Груевски.

            Сите управни спорови во Македонија кои досега беа во надлежност на други судски институции отсега ќе ги решава новоформираниот Управен суд. Убеден сум дека Управниот суд ќе успее за кратко време да ги реши 7.000-те предмети кои ги презеде од Врховниот суд и ќе придонесе за зајакнувaње на ефикасноста на тужбите како правен лек што секако ќе има свој удел во етаблирање на Македонија како правна држава, истакна премиерот Никола Груевски денеска на отворањето на Управниот суд.

Преку успешната работа на Судот, како што додаде, ќе се зголеми и довербата на граѓаните кон судската власт.

- Конечно со почнувањето на работата на Управниот суд ќе исполниме уште една задача на патот кон евроатлантските интеграции на Република Македонија во пресрет на очекуваната покана за членство во НАТО, нагласи премиерот Груевски.

Според министерот за правда Михајло Маневски, Управниот суд е неопходна потреба за граѓаните на Република Македонија и заради остварување и заштита на човековите права и слободи гарантирани со Уставот, законите и меѓународните норми.

- Управниот суд е надлежен да одлучува во управните спорови заради обезбедување на судска заштита на правата и правните интереси на физичките и правните лица и заради обезбедување законитост на актите на органите на државната управа, на Владата, општините и Градот Скопје кога се решаваат правата и обврските во поединечни управни работи, истакна министерот Михајло  Маневски.

Тој појасни дека се работи за прашања во однос на личните права и слободи на граѓаните, од областа на здравственото, пензиското и инвалидското осигурување, даноците, царините, извршување на концесиски договори и јавните набавки за именување и разрешување на носители на јавни функции, како и за судирот на надлежности меѓу централната и локалната власт.

Претседателот на Судскиот совет Бекир Исени рече дека очекува од Управниот суд брзо, ефикасно, професионално работење.

 

Свечено обраќање на Министерот за правда Михајло  Маневски по повод отворањето на Управниот суд - Скопјe

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk