Презентирани активностите за постојано стручно усовршување на судиите и јавните обвинители од областа на меѓународното хуманитарно право  
     
 

14.12.2007

 
 

Министерството за правда   и Академијата за обука на судии и јавни обвинители во соработка  и со финансиска поддршка на Одделот за владеење на правото при набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје и Програмата за развој , помош и обука на обвинителството –ОПДАТ при Департментот за правда на САД денеска на прес –конференција  ги презентираа активностите кои се преземени во рамки на специјализираната програма за постојано стручно усовршување  на судиите и на јавните обвинители од областа на меѓународното хуманитарно право.

Во своето обраќање министерот за правда Михајло Маневски истакна дека во изминатиот период, од скоро една година беа спроведени низа семинари и обуки чија единствена целна група беа судии од сите инстанци и јавни обвинители, како и останати носители на правосудни функции, кои беа едуцирани за примена на нормите на меѓународното хуманитарно право и правилата на Хашкиот трибунал и кои поминаа посебна обука во земјата и во странство. Тие се оспособуваат за постапување во посложени случаи во врска со меѓународните стандарди.

Со обуката беа опфатени вкупно 15 судии од основни судови, кривични и истражни, 7 судии од аплеционен суд и 3 судии од највисоката судска инстанца, Врховниот суд на Република Македонија. Обуките и семинарите ги посетуваа и 10 јавни обвинители, од кои најголемиот број доаѓаат од Одделението за гонење на сторителите на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција при Јавното обвинителство на Република Македонија истакна министерот Маневски.

Владата на Република Македонија остварува постојана соработка со Хашкиот трибунал. Министерството за правда тука не ги завршува своите активности и соработката со Меѓународниот кривичен трибунал за Поранешна Југославија е несомнена и продолжува во иста насока.   Континуираната едукација на судиите и јавните обвинители за примена на меѓународното хуманитарно право ќе биде поддржана и во иднина од Министерството за правда како и секогаш кога ќе се појави таква потреба, додаде министерот Манeвски.

Don Bisson ,  шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје истакна дека спроведените обуки ќе им помогнат на судиите и јавните обвинители, домашното законодавство да го гледаат низ призмата на интернационалните норми и стандарди.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk