Известување за приемот на Комората на извршители на Република Македонија како членка на Меѓународната Унија на судски извршители  
     
 

29.11.2007

 
 

Комората на извршители на Република Македонија, на ден 29 ноември 2007 година, за време на сесијата на Постојаниот Совет на Меѓународната Унија на судски извршители која се одржа во Париз, Р. Франција,  беше примена како редовна членка на Меѓународната Унија на судски извршители.

Барањето за прием на Комората на извршители на Република Македонија во Меѓународната Унија на судски извршители, по предлог на Постојаниот Совет на Унијата, беше едногласно одобрено од страна на Меѓународниот Конгрес на Унијата, како нејзин највисок орган, составен од претставниците на сите Национални комори, членки на Меѓународната Унија.

  Инаку, Меѓународната Унија на судски извршители е основана во 1952 година, од страна на следниве национални комори – основачи на истата: Белгија, Франција, Грција, Италија, Луксембург, Холандија и Швајцарија, со цел претставување на Унијата и нејзините членки во други меѓународни организации, соработка со националните професионални комори, подобрување на националните процедурални права и нивна хармонизација, како и обука и едукација на извршителите од различни држави и   воспоставување на блиски врски меѓу истите.

  Меѓународната Унија на извршители, по приемот на Коморта на извршители на Република Македонија, брои 64 членки – национални комори на извршители од целиот свет.



Комората на извршители на Република Македонија, беше основана на 7 јуни 2006 година во Скопје, Република Македонија, согласно Законот за извршување на Република Македонија, кој предвидува задолжително здружување на извршителите во Комора на извршители, која пак ужива статус на правно лице.

Приемот на Коморта на извршители на РМ во Меѓународната Унија има исклучителна важност и за промовирањето на нашата држава, Република Македонија, со оглед на тоа што, Комората на извршители на РМ е примена во Меѓународната Унија, под нејзиното законски утврдено име, а не под референцата БЈРМ, како што за жал е случај во многу други организации од различен карактер.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk