Информативна сесија за Предлогот за донесување на Законот за судска служба –Основен суд Битола  
     
 

09.01.2008

 
 

Денеска во Основниот суд –Битола  во присуство на голем број судски службеници  и  судска полиција од Основните судови од Битола, Ресен , Крушево, Прилеп, Струга  и Апелациониот суд –Битола  и претставниците на УПОЗ , се одржа третата по ред информативна сесија   посветена на Предлогот за донесување на Законот за судска  служба.

И оваа информативна  сесија која е во организација на Министерството за правда –Државен управен инспекторат и УСАИД –Проект за имплементација на судски реформи, како и останатите две поттикна голем интерес кај присутните по Предлогот на законот.

Ова е реформски закон со кој за прв пат опфативме сегмент кој не е никаде регулиран, а тоа е регулирање на статусот на судската администрација и судската полиција на начин различен од останатата администрација –истакна Димитар Ѓорѓиевски директор на Државниот управен инспекторат и претседател на работната група за изготвување на  Предлог законот .

Новиот Закон за судска служба ја зајакнува независноста на судството преку изземање на судските службеници од Законот за државни службеници. Потоа  воведува ново работно место судски администратор , го подобрува системот на вработување и унапредување на судските службеници, воведува нови практики при управување со движењето на предметите и ја подобрува структурата на судската полиција.

На информативната сесија  присутните судски службеници и судска полиција покажаа интерес за прецизирање на работните места, дефинирање на  нивните права и одговорности , определувањето на висината на платите врз основа на работно  искуство и образование , оценување на работата на  вработените итн.

Четвртата а воедно и последна информативна сесија од овој циклус планирано е да се одржи на 15-01-2008 година во Апелациониот суд –Гостивар.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk