Тркалезна маса на тема ,,Презентација на упатството за надзор и мониторинг на затворите,,  
     
 

28.01.2008

 
 

Во организација на Советот на Европа, а во соработка со Управата за извршување на санкции при Министерството за правда, денеска се одржа тркалезна маса на тема „Презентација на упатството за надзор и мониторинг на затворите“, на која беа изнесени стандардите на СЕ во однос на надзорот и мониторингот во казнено - поправните установи, а беше дискутирано и за состојбата и проблемите во овие институции во Македонија.

Директорот на Управата за извршување санкции Јордан Михајловски рече дека нивото на надзорот кој се остварува во затворите во Македонија е на задоволително ниво и оти се работи на подобрување на условите за остварување на човековите права и слободи на осудените лица.

Основната забелешка која и е упатена на Македонија од Комитетот против тортура на Советот на Европа, како што посочи, се однесува на одредени стандарди кои мора да се постигнат имајќи предвид дека аплицираме за влез во ЕУ.

- Мора да ги надминеме слабостите во третманот со осудените лица и да ги оствариме европските стандарди, рече Михајловски, додавајќи дека од април ќе почне да „тече“ новиот заем на РМ од Советот на Европа од 10 милиони евра, на кои ќе се придодадат и четири милиони евра од Буџетот на РМ.

Михајловски најави дека во КПД „Идризово“ годинава ќе почне изградба на дом-болница во која ќе бидат прифатени зависниците и хронично болните, ќе се гради и нов објект за осуденици со повисоки казни, ново полуотворено одделение, нов дом за старите и изнемоштени лица кои ја издржуваат казната затвор, а ќе се подобрат и стандардите во женското одделение, со цел да се трансформира во женски затвор во РМ.

- Затворскиот систем ќе личи на градилиште, но планираме до 2010 година со тоа да ги достигнеме стандардите на ЕУ и надзорот да заживее како што треба, додаде директорот на Управата за извршување на санкции.

За подобрување на условите во македонските затвори, како што рече Михајловски, ќе придонесе и КАРДС програмата од 2006 година, со која се насочени 1.800.000 евра за реконструкција КПУ во Прилеп, Идризово и Штип. - Со тоа ќе се постигне целта затворот Штип да премине во затвор од затворен тип, со што ќе се намали пренатрупаноста во затворот „Идризово“. Затворот во Штип ќе може да прифати 400 осуденици, додаде Михајловски.

Тој информира дека моментно во РМ казна затвор издржуваат околу 2.200 осуденици, од кои над 1.350 се во затворот „Идризово“, кој има капацитет за 950 лица. Тој додаде дека и во притворното одделение во затворот „Скопје“ има мала пренатрупаност со последната акција „Змиско око“.

Експертот од Советот на Европа Ерик Шванидзе на трибината посочи дека во однос на пренатрупаноста на затворите во Македонија веќе се видливи чекорите за решавање на тоа прашање. - Во поглед на прашањето за „намерно“ лош третман во затворскиот систем, нема никакви големи забелешки, рече Шванидзе и додаде дека голем проблем е недостатокот на персонал во затворите за што се даде препорака да се зголеми персоналот во КПУ.

Денешната тркалезна маса е дел од Проектот на експертската и техничката помош на ЕУ, кој континуирано тече од 2004 година, а во пракса се остварува од 2006 година наваму.
 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk