Јавна расправа по работниот текст на Законот за изменување и дополнување на Законот за медијација  
     
 

05.02.2008

 
 

Во организација на министерството за правда и во соработка со Проектот за медијација на ИФЦ како и Проектот на УСАИД за деловно опкружување  денеска се одржа јавна расправа по работниот текст на Законот за изменување и дополнување на Законот за медијација.

Министерот за правда Михајло Маневски на расправата истакна дека Законот за медијација кој беше донесен во мај 2006 година, а почна да се применува од 1 ноември истата година, ги постави основите за реализација на медијацијата во Македонија, но неговата примена покажа одредени недоследности поради што се пристапи кон измени и дополнувања на законскиот текст.

 Измените и дополнувањата на Законот поаѓаат и од одредени препораки на Советот на Европа, судовите да се растоваруваат од неспорни предмети кои можат да бидат извршувани од други органи,  рече Маневски.

Според Маневски, вонсудското решавање на споровите е многу поефикасно и поевтино и граѓаните многу побрзо доаѓаат до остварување на нивните права, отколку преку водењето на долги и скапи судски спорови.

Претседателот на Работната група за измени и дополнувања на Законот за медијација, Николчо Лазаров , истакна дека од примената на Законот се увиде дека тој има многу недоследности кои на свој начин придонесуваат за споро воведување на медијацијата.

Текстот на Законот, истакна Лазаров, е нормативно-технички подобрен, направена е терминолошка усогласеност со другите закони, а во однос на суштинските измени воведени се нови начела на работа на медијацијата.

 Ние не се согласуваме дека медијацијата е алтернатива, туку дека е еден од начините на решавање на споровите меѓу граѓаните, истакна Лазаров. Тој нагласи дека во исто време се зголемува и кругот на предметите за кои може да се применува медијацијата и се отвора можност и правните лица да учествуваат и да бидат медијатори.

Јавни расправи по работниот текст на Законот за изменување и дополнување на Законот за медијација овој месец ќе бидат одржани и во Битола и Штип.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk