Свечена заклетва на новоизбраните судии  
     
 

12.02.2008

 
 

Четириесет и шест новоизбрани судии на основните и апелациските судови во Македонија денеска дадоа свечена заклетва .

 Судскиот совет на Република Македонија ги избра 46-те судии од 712 пријавени кандидати за 53 места. Голем број од судиите се избрани со повеќе од дво-третинско мнозинство гласови, односно 74 отсто или 34 судии се избрани со 15, 14, 13 и 12 гласа.  Судскиот совет изборот на судии го врши со дво-третинско мнозинство, истакна министерот за правда Михајло Маневски денеска во Апелациониот суд во Скопје.

Тој изрази надеж дека избраните судии ќе ја вршат функцијата така како и што се заколнаа и дека ќе градат судство кое ќе биде независно, одговорно и во функција на остварување на правата на слободите и граѓаните.

- Вашата генерација на судии ќе биде предвесник на европското судство во Македонија, а самостојноста и независноста на судството е главниот елемент кој треба да го оствариме во наредниот период. Ние чекориме кон НАТО интеграциите, кон полноправно членство во ЕУ, а на судските реформи токму поради тоа им се придава значење, рече министерот за правда.

Со изборот на 90 судии од Судскиот совет во текот на овие неколку месеци и со  постапка за избор на уште десеттина судии, во судовите ќе биде внесена значителна стручна сила, прогрес, европски дух во правосудството во Република Македонија и да се надминат долгите процедури и судски постапки.

На новинарско прашање дали на седницата на Судскиот совет на која беше изборот за новите судии имало негодување,  Маневски истакна дека седницата била одржана во нормален тек и оти немало сротивставени мислења. - Најголем број од судиите се избрани со дво-третинско мнозинство и тој факт говори за консензусот кој  е постигнат во Судскиот совет по однос на квалитетот на судиите кои се избрани, посочи министерот за правда.

Бадинтеровиот принцип, како што рече Маневски, е вграден во Законот за судовите кој е донесен во 2005 година.

Тој појасни дека во Законот за судовите стои дека кога се избираат судии на подрачје каде што живеат повеќе од 20 отсто припадници на зедниците кои не се мнозинство во РМ, судиите се избираат со дво-третинско мнозинство на гласови од членовите на Судскиот совет, при што треба да има и мнозинство на гласови од членови на Советот кои се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Македонија.

- Тоа ние не го измисливме сега, ниту го применивме, туку е внесено во Законот за судовите во 2005 година. Дали е тоа исправно внесено или не е, тоа не е на Судскиот совет да го преиспитува. Ние сме таму за да го применуваме законот и тоа го сторивме, додаде Маневски.

На новинарско прашање дали Бадинтеров принцип може да се примени во Уставниот суд, Маневски рече дека Уставниот суд не е во ингеренциите на минстерот за правда.

- Уставниот суд е посебна институција која се грижи за примена на Уставот и на слободите и правата на граѓаните. Прашањата кои се покренуваа се надевам дека ќе најдат соодветна примена во рамките на институциите кои треба да ги решаваат, додаде министерот за правда.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk