Министерот за правда демантира: Ниту судиите, ниту судските службеници немаат добиено повеќе хранарина од предвиденото  
     
 

12.02.2008

 
 

Министерот за правда Михајло Маневски денеска ги негира тврдењата на Синдикатот на УПОЗ дека судиите и судската администрација добиваат различен износ на хранарина.

- Не е точно дека на судиите им е исплатена хранарина од 3.600  денари, а на судската служба од 2.300 денари, затоа што се знае дека Законот за плати на судиите е донесен пред Законот за извршувањето на буџетите и Минстерството за правда веќе предложи измена на таа одредба. Но, никој нема добиено повеќе хранарина отколку што е предвидено за сите и за судиите и за судските службеници, истакна Маневски по давањето на свечената заклетва на новоизбраните судии за основните и апелациските судови.

Во врска со најавата за штрајк на судската администрација од Синдикатот на УПОЗ, министерот за правда  рече дека Синдикатот чука на отворена врата.

- Се работи за Предлог за донесување на закон за судска служба, а не за Предлог закон и второ претставници од Синдикатот цело време беа вклучени во јавните расправи и тие дадоа определен придонес, рече Маневски.

Тој рече дека сосема на нова основа се поставуваат платите на судската служба и додаде дека некои прашања треба да се постават на сосема поинаква основа. - Познато е дека во текот на 2007 госина се зголемија платите на државните и на судските службеници за 34 отсто и сега е чудно што Синдикатот најавува ваков однос кон вршењето на судската служба или кон платите на судските службеници, рече Маневски.

Министерот за правда посочи дека во мандатот на претходната влада платите на судските службеници не беа зголемени ниту за еден денар. - Тогаш такви најави од Синдикатот немаше, туку сега кога има 34 отсто зголемување, кога се носи нов закон за судска служба и кога се уредуваат односите на сосема поинаква основа. Ние секако ќе водиме сметка и за платите на најниските службеници, додаде Маневски.

Владата, како што посочи, годинава во целина ќе го спроведе Законот за државните службеници, додавајќи дека не се спроведува глава 4 од Законот за државните службеници која се однесува токму на наградувањето на државните службеници.

- Владата гради однос на уредување на платите на државната администарција, а тоа ќе биде прашање и за судската служба. Имаме време да ги вградиме мислењата, сугестиите и забелешките, Собранието ќе ја утврди потребата, а  во втората фаза од донесувањето на законот, ние сме отворени за сите сугестии за да донесеме најдобар закон што може, рече Маневски.

На прашање дали ќе преговара со претставниците на Синдикатот, министерот рече дека преговарале на седумте средби со нив и тие дале мислење и сугестии. - Ние ќе имаме соодветен однос кон мислењата на сите и на судските службеници и на експертската јавност кои учествуваа во расправите, а не само на претставниците на УПОЗ, истакна Маневски.
 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk