Соопштение во врска со најавениот прекин на работа на судската администрација во судовите во Република Македонија  
     
 

18.02.2008

 
 

Во врска со најавениот прекин на работата на судската администрација во судовите во Република Македонија , министерството за правда  укажува дека Предлогот за донесување на закон за судска служба  се наоѓа во Собраниска процедура во прва фаза.

Министерството за правда потсетува дека за цело време на подготвување на текстот на законот, Синдикатот на УПОЗ беше активно вклучен и учествуваше во  сите јавни расправи (вкупно 7) што се одржаа во Скопје, Битола  и Штип и информативните сесии кои што се одржаа во декември 2007 и јануари 2008 година во Штип, Скопје, Битола и Гостивар.

Да потсетиме дека сите конструктивни забелешки и сугестии кои ќе значат квалитативно подобрување на текстот на законот  а кои беа дадени на овие јавни расправи и информативни сесии министерството за правда  ќе ги поднесе  во втората фаза на донесување на Предлогот на законот . Согласно  Деловникот за работење на Собранието на РМ  во прва фаза на донесување на законите , во претходна постапка Собранието само ја утврдува потребата од донесување на законите и во оваа фаза не се реагира амандмански.

Покрај веќе донесената одлука на Владата на Република Македонија  за зголемување од 34 % на платите во администрацијата што подразбира и за судската администрација, Владата презема и конкретни мерки за примена на глава 4 од Законот за државни службеници која се однесува на Систем на плати и надоместоци на плати за државните службеници.Во Собранието на Република Македонија  исто така се доставени и измените и дополнувањата на Законот за платите на судиите, кој се усогласува со Законот за извршување на буџетите и за исплата на еднаква хранарина за сите.

Во однос на забелешките за отвореност за разговор на министерството , потсетуваме дека се одржани бројни средби со секретарот на УПОЗ ,  три средби со Димитар Ѓеорѓиевски, претседател на работната група за изготвување на законот, како и  средба на претседателот на синдикатот на УПОЗ со заменик –министерот за правда Сашо Василевски  (средба одржана на 13-02-2008).

Министерството за правда уште еднаш потсетува дека е отворено за соработка  со Синдикатот на УПОЗ , и смета дека најавениот прекин на работата на судската администрација  негативно ќе се одрази на процесот  на реформите  во судството на РМ и  заложбите за подобрување на положбата на судската администрација .

На денешната средба одржана во министерството за правда помеѓу зам.министер Сашо Василевски и претставниците на УПОЗ беше постигнат договор за повеќето од барањата на синдикатот, беше побарано ставање во мирување на штрајкот и беше договорена  повторна средба која ќе се одржи идната недела.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk