Средба Фратини – Маневски : Импресивна листа на постигнувања во правосудството  
     
 

20.02.2008

 
 

Mинистерот Михајло Маневски денеска се сретна со потпретседателот на Европската Комисија и Еврокомесар за правда и внатрешни работи г. Франко Фратини и претседавачот со Советот на ЕУ и актуелен министер за внатрешни работи на Република Словенија Драгутин Мате.

 Средбата се одвиваше во рамки на заедничкиот состанок со ЗПВРМ за Европски прашања Габриела Коневска – Трајковска, министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и министерот за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, на кој се разговараше за напредокот направен од страна на Република Македонија и на кој беше упатена силна политичка порака на доверба од страна на Европската Унија за интеграција на Република Македонија во ЕУ и почнување на дијалогот за либерализација на визниот режим.

             Потпретседателот на ЕК г.Фратини забележа дека во последните неколку месеци  направен е голем напредок на планот на реформите со посебен акцент на правосудството и безбедноста. Потпретседателот г.Фратини исто така подвлече дека постои билатерална политичка посветеност од страна на ЕУ и Македонија која резултира со напредок преку олеснувањето на визниот режим кој беше реализиран за десет месеци во 2007 година па се до денешното отворање на дијалогот за целосна либерализација на визниот режим.  

           Министерот Маневски даде сеопфатен преглед на реформите во областа на правосудството и борбата против организираниот криминал и корупцијата кои интензивно се спроведуваат и тоа: донесувањето на повеќе од педесетина закони, насоченост на капацитетите кон имплементација на законите во тековниот период, намалување на бројот на примени предмети во судовите што за прв пат се случува по седумнаесет години како резултат на мерките преземени за решавање на спорови. Намален заостанокот на предмети во судовите за 6%, бројот на решени предмети во новиот Управен Суд изнесува 210 додека Апелациониот Суд во Гостивар реши 80 предмети. Судскиот Совет работи со полн капацитет и веќе избра осумдесет и пет судии, во тек е постапка за избор на членови на Советот на јавни обвинители од редот на јавни обвинители. Почнати се разговори со Евројуст за потпишување договор за соработка, постигнати се конкретни резултати во борбата против организираниот криминал и корупцијата што ја потврдува реалната а не само вербалната заложба на Владата на Република Македонија.       

             Потпретседателот и Еврокомесар г.Фратини го изрази своето задоволство и изјави дека се работи за импресивна листа на постигнувања во спроведувањето на судските реформи.

              

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk