Маневски - Фратини на работен состанок во Aкадемијата: Судските реформи и безбедноста се клучни за приближување на РМ кон ЕУ  
     
 

20.02.2008

 
 

Магистрантите на Академијата за обука на судии и јавни обвинители треба да и помогнат на Македонија да се приближи до европските интеграции, бидејќи судските реформи и безбедноста се клучните области кои се неопходни за приближување кон Европската унија, изјави потпретседателот на Европската комисија Франко Фратини по работниот сотанок на тема „Борба против организиран криминал и корупција“ што се одржа во Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

 Заедно со министерот за правда Михајло Маневски имавме можност да им укажеме на магистрантите колку е важна нивната обука во борбата против корупцијата и организираниот криминал и соработката на ова поле на меѓународно и регионално ниво. Тие треба да бидат подготвени да соработуваат во борбата против корупцијата која го засега секојдневниот живот на граѓаните каква што е на пример корупциијата во Царината, или пак корупцијата на високо ниво каде македонските власти веќе имаат значајни резултати, рече Фратини.

Потпретседателот на Европската комисија нагласи дека на магистрантите им ја истакнал важноста во борбата против организираниот криминал кој, како што кажа, не е проблем само на Македонија, туку на целиот Западен Балкан, заради што е многу важна регионалната соработка.

 Верувам дека македонските власти, како на ниво на министри, така и на ниво на магистранти, ќе продолжат да бидат проактивни во регионалната соработка вклучувајќи ја и регионалната мрежа на обвинители. Можам да потврдам дека Европа е подготвена да и помогне на оваа земја и на магистрантите од оваа земја да се доближат до нивните колеги од земјите членки на ЕУ, преку покани за европски обуки и контакти на Академијата за обука на судии и обвинители со Европската судска мрежа во која се обучуваат магистрантите од земјите членки на ЕУ, рече Фратини, потенцирајќи дека гледа многу можности за соработка за да и се помогне на Македонија во европските интеграции.

Министерот за правда Михајло  Маневски, заблагодарувајќи се за помошта од европските институции, истакна дека Академијата за многу кусо време израсна во квалитетен центар за обука на кандидатите за идни судии и јавни обвинители, но и за обука на судиите, јавните обвинители и судските службеници кои сега ги вршат функциите во обвинителствата и судовите во Македонија.

Тој посочи дека на денешната средба со судиите и јавните обвинители биле изнесени податоци за водењето на делата на организираниот криминал и корупцијата кои, како што кажа, укажуваат дека во 2006 и особено во 2007 година откриените случаи на организиран криминал и корупција за кои се донесени пресуди или се во постапка се шест, седум или десет пати повеќе во однос на 2005 година.

Тоа покажува дека полицијата, судиите, јавните обвинители и другите институции се подготвени и доволно едуцирани да се соочат и со најсофистицираните облици на организираниот криминал и корупцијата, но тука не треба да застанеме заради тоа што треба да обезбедиме натамошна уште поефикасна битка за спречување на овие кривични дела, рече Маневски.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk