Средба Маневски - Томас Хамарберг, Комесар за човекови права на Советот на Европа  
     
 

27.02.2008

 
 

Министерот за правда  Михајло Маневски  го информираше г.дин Хамарберг дека остварувањето и заштитата на човековите права се суштинска компонента на стратегијата за спроведување на реформата на правосудниот систем во Република Македонија.  

Имено, министерството за правда е  посветено на следење на имплементацијата на донесените закони кои се дел од оваа реформата: Законот за судовите, Законот за медијација, Законот за парнична постапка, Законот за јавно обвинителство, Законот за прекршоците, Законот за извршување и други закони. Со растеретувањето на судовите од несуштинските предмети и со воведување на алтернативното решавање на споровите се придонесува кон поефикасно остварување на правата на граѓаните. Во таа насока формирани се и започнаа со работа Управниот суд и Апелациониот суд во Гостивар.

Исто така, министерот Маневски извести дека во собраниска постапка се донесувањето на Законот за постапување по претставки и предлози и Законот за судовите,  кои ќе придонесат кон остварување на уставните права на граѓаните  како и правото на судење во разумен рок. Усогласување со европските директиви е основна интенција на предложените измени и дополнувања на Законот за заштита на личните податоци, кој исто така е  во собранска постапка на донесување.

Согласно Законот за Советот на јавни обвинители на 22 февруари 2008 година се спроведе избор на 6 членови на Советот на јавни обвинители и се очекува тој до крајот на март 2008 да биде конституиран.

Министерот информираше и дека стратешка определба на Владата е борбата со организираниот криминал и корупција и во таа насока континуирано се усогласува кривичното законодавство, донесен е Акционен план за борба со корупцијата и се рализираат активности за институционално јакнење на капацитетите.

Со измените на Крививичниот законик од 4 јануари 2008 година се воведува ново кривично дело со кое се казнуваат делата на трговија со малолетно лице и се дефинира поимот на жртва на кривично дело.

Исто така, тој информираше дека Министерството за правда работи и на спроведување на препораките од Комитетот за превенција од тортура. Имено, согласно  активностите за реформа на пенитенцијарниот систем: на 5 март 2008 година ќе се одбележи профункцинирањето на целосно реновираниот затвор во Прилеп со притворски дел, ќе се гради Дом болница во затворот Идризово и ново крило за притвор во Затворот Скопје. Во тек се активности за реконструкција, доградба и адаптација на затворот Штип во Казнено поправен дом.

Г.дин Хамарберг ги поздрави активностите на Владата при што истакна дека инвестирањето во затворите  долгорочно придонесува кон подобра ресоцијализација на осудените лица.

Г.дин Хамарберг го извести министерот Маневски дека по неговата  посета ќе биде изготвен предлог извештај кој потоа ќе биде достевен на коментари до Владата на Република Македонија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk