Започна опремувањето на судовите со ИТ-технологија  
     
 

29.02.2008

 
 

Во Основниот суд Скопје 2 - Скопје денеска симболично беше означен почетокот на целосното опремување на судовите со ИТ-технологија. До крајот на оваа година во судовите во Република Македонија треба да бидат инсталирани нови 300 компјутери.

Министерот за правда Михајло Маневски рече дека 150 компјутери се обезбедени од Владата на Република Македонија, а останатите 150 од кредитот од Светската банка за поддршка на судските реформи.

                 Денеска практично започнува имплементацијата на Стратегијата за развој на информатичкиот систем во судовите. Во текот на 2007 беа обучени околу 250 судски службеници кои ќе работат на овие компјутери и согласно новиот Судски деловник ќе ги заведуваат предметите електронски. Во судовите нема да остане ниту еден стручен соработник, ниту еден судија кој нема да знае да работи со компјутери, истакна министерот Маневски.

               

 Воедно, тој го најави и тендерот за избор на консултант за обука на 800 судски службеници, а во рамките на обуките во Академијата за обука на судии и јавни обвинители, како што посочи, судиите ќе стекнуваат повисоки знаења и вештини во работата со компјутерите.

           

            Информатичкиот систем има за цел да го унапреди работењето на судовите, како и електронска распределба на предметите со цел да се обезбеди поефикасно судство и поефикасно следење на функциите на судовите.

            Република Македонија прв пат ги внесува овие нови определби кои треба да значат прогрес, а развојот на информатичкиот систем во судството е еден од условите кои ни се поставуваат како услов за добивање на датумот за преговори за полноправно членство во ЕУ, додаде Маневски.

Воведувањето на ИТ-технологијата во судството веруваме дека ќе придонесе за доследна примена на одредбите од Судскиот деловник  за електронско заведување на предметите и нивна автоматска распределба по случаен избор на судија.

Со оваа денешна активност и со континуираната обука на судската администрација , министерството за правда ги зајакнува капацитетите на правосудниот систем  кои ќе значат остварување на континуирани позитивни резултати во спроведување на судските реформи-истакна министерот Маневски.

 

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk