Затвор Прилеп прв затвор според европските стандарди за ресоцијализација на осудени лица  
     
 

05.03.2008

 
 

Денеска во Прилеп со пригодна свеченост  беше одбележано отпочнувањето со работа на реновираниот  Затвор Прилеп .

Министерот Михајло Маневски истакна дека  реновирањето на овој Затвор е дел од реформите на пенитенцијарниот систем во Република Македонија кои се во насока на исполнување на условите и апроксимација на стандардите потребни за обезбедување поквалитетно извршување на казната затвор како услови за интеграција во Евро-атлантските структури.

Владата на Република Македонија истакна Маневски, е цврсто определена да го измени ликот на казнено-поправните установи во Република Македонија. Ќе ги реновираме постојните и ќе градиме нови казнено поправни институции  со највисоки стандарди.  

Затворот во Прилеп е првиот кој почнува да функционира според европските стандарди. Со ова почна и реализацијата на владината програма за подобрување на условите во македонските затвори. За овој голем зафат се обезбедени 14 милиони евра од кои 10 милиони евра кредит од Европската банка за развој, а четири милиони евра се издвоени од Буџетот на РМ, рече министерот за правда Михајло Маневски.

            Целосно се реновирани спалните соби, санитарните јазли, оградниот ѕид, поставени се три караули. Затворот е со капацитет од 80 до 100 осуденици до тригодишна казна затвор и за 28 лица во притворскиот дел

Во следната фаза во оваа и во наредната година ќе се реновираат и другите затвори, ќе се гради болница и ќе се обучуваат вработените во овие институции.

- Ќе има комплетно реновирање со изградба на ново притворско крило и реновирање на притворскиот дел во затворот во Скопје, нов дел во затворот Идризово, ќе се гради болница за 400 наркозависници кои се во Идризово и на кои им се потребни соодветен третман и лекување, изјави Маневски.

Во владиниот проект е изградбата на затворот во Куманово, ќе се реновираат затворите во Штип, во Струмица, Битола, Струга, што значи дека со подобрување на условите за осудениците ќе бидат опфатени сите затвори и казнено поправни домови.

– Освен тоа, овие реформи опфаќаат обука и на вработените и обезбедување стручен кадар. Во 2007 година во македонските затвори се вработени 71 лице, првпат специјалисти, лекари и медицински персонал. Согласно владината програма до 2010 година во затворите ќе се вработат 300 лица. Ќе се отвори тренинг центар за обука на чуварите и надзорниците. - рече Маневски.

Според претставникот на Европската Комисија Ерван Фуере, кој исто така присуствуваше на свечениот чин во Прилеп, овој проект е важен затоа што ќе им помогне на надлежните институции да ги адресираат недостатоците во казненопоправните институции кои што се утврдени од релевантните институции: од омбудсманот, од Комитетот за превенција од тортура и Комисијата за човекови права во рамките на Советот на Европа.

- Реформите во системот на казнено поправните домови се задача која бара фокусирање на приоритетите: подобрување на професионалноста на персоналот, развивање стратегија за здравствена грижа за осудените лица, програми за одвикнување на малолетните зависници од дрога и алкохол. Од суштинска важност за земјите со статус кандидати за влез во ЕУ е да го адресираат предизвикот на реформите во правосудството. Ние ја поздравуваме националната стратегија за реформите во правосудството од 2004 година и делот за реформи во казнено поправните институции. Денешниот настан е добар пример за успешната подготвеност на Македонија на патот за пристапување во ЕУ, изјави Фуере

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk