Свечено отворени новите работни простории на Судскиот Совет на Република Македонија  
     
 

19.03.2008

 
 

Судскиот Совет на Република Македонија од денеска работи во нови и реновирани простории. Имено денеска во постоечките простории на Судскиот Совет  свечено беа предадени во употреба новите простории на Судскиот Совет на Република Македонија.

  Седниците на Судскиот совет веќе не се водат на хартија, туку електронски. Со реновирањето и проширувањето на салата за состаноци создадена е можност за обезбедување јавност во работата на Советот, истакна министерот за правда Михајло Маневски денеска на отворањето на новите простории на Судскиот совет.

Површина од 350 метри квадратни, наменети за судската администрација и судската служба, се уредени со средства од Буџетот на Република Македонија и со кредит на Светската банка.

Министерот Маневски посочи дека уредувањето на овие простории е дел од активностите за реализација на главните приоритети за пристапување на Република Македонија во ЕУ. Тој додаде дека обезбедувањето европски услови за работа на судиите останува врвен приоритет на Министерството за правда.

- Во своите приоритети Министерството за правда има предвидено околу 30 реформски мерки, а проширувањето и најсовременото опремување на Судскиот совет е 19-та мерка, рече Маневски.

Министерот за правда Михајло Маневски најави дека во наредните месеци интензивно ќе се спроведува реализацијата на Стратегијата за информатичка технологија во македонското правосудство со која се овозможува електронско поврзување на сите судови и нивна модернизација преку функционирање на ИТ центарот за правосудство.

Претседателот на Судскиот совет на Република Македонија Бекир Исени на отворањето рече дека Советот е нивен дом во кој престојуваат повеќе време во текот на денот.

- Денеска се пуштаат во употреба 13 нови простории комплетирани со опрема и мебел. Проширена е салата за состаноци, која е озвучена и опремена за тонско снимање, а тоа е направено благодарение на Светската банка и Министерството за правда, истакна Исени, додавајќи дека досега работеле во претешки услови, во старите простории и  без телефонски линии.

Претседателот на Судскиот совет рече дека ќе се заложат и натаму со успех да ги извршуваат работите како и досега. - Наша обврска е работата, а ваше право е да барате од нас што повеќе работа и ние ќе одговараме на тоа, додаде Исени.

Амбасадорката на САД во Македонија Џилијан Миловановиќ, која присуствуваше на свеченоста, посочи дека ова е голем ден, бидејќи се отвораат нови простории во Судскиот совет, кој е формиран со големи потешкотии. - Прекрасно е да се види дека сите заедно ќе работат за Македонија и тоа се добри верувања, додаде Миловановиќ.

На отворањето присуствуваа претставници на повеќе судски институции и дипломатски претставништва во Република Македонија

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk