Законот за вонпарнична постапка ќе ги растовари основните судови од оставинските предмети  
     
 

20.03.2008

 
 

Во организација на Министерството за правда денеска се одржа работна средба во врска со почетните искуства од примената на Законот за вонпарнична постапка, како и за начинот на комуникација суд-нотари. 

 

 Законот за вонпарнична постапка стапи на сила на 26 јануари, годинава, а главата 7 која се однесува на нотарите се применува од 1-ви овој месец. Со него се воведува новина во начинот на спроведување на оставинската постапка, каде покрај судовите им  се дава можност и на нотарите во својство на повереници на судот да постапуваат по оставински предмети во кои начинот на распределба на имотот е неспорен.

 

Министерот за правда Михајло Маневски  истакна дека законите се носат со цел да се хармонизира законодавството, според препораките од Советот на Европа, меѓународните договори и конвенции и заради градење на правен систем компатибилен со европскиот.

 

Во врска со Законот за вонпарнична постапка,  министерот Маневски изајави дека тоа е нов закон, исклучително значаен, особено во делот кој се однесува на овластувањето на нотарите како повереници на судот да ја спроведуваат оставинската постапка.

 

- Целта на Законот е судовите колку е можно повеќе да се ослободуваат од неспорните предмети кои можат да ги решат други институции, а тие да бидат сконцентрирани на решавањето на спорните и сложените предмети, рече министерот Маневски.

 

Воедно, тој додаде дека обемот на работата што ја имаат судовите во решавањето на оставинските предмети е голем, односно се работи за исклучително значаен број на предмети со кои основните судови ќе бидат растоварени. Маневски наведе дека во 2005 година основните судови во Република Македонија примиле 11.770 оставински предмети, во 2006 година 23.229, а во 2007 година 18.471 предмет.

 

На крајот на 2005 година, како што истакна министерот Маневски, останале 5.383 оставински предмети, на крајот на 2006 година 6.637, а на крајот на 2007 година од вкупниот број 25.108 нерешени останале  7.951 предмет.

 

- Се надеваме дека оставинската постапка ќе биде спроведувана многу побрзо и поефикасно, затоа што од нотарите очекуваме предметите да ги решат за побрзо време. Со тоа судовите ќе се растеретат за околу 15.000 до 20.000 предмети, односно 3/4 од предметите ќе ги извршува нотарот, истакна Маневски.

 

Професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“  Арсен Јаневски рече дека овој закон добро функционира во многу европски земји. Тој објасни дека според законот претседателите на судовите не смеат да оценуваат кои предмети сакаат да ги дадат, туку тие мораат сите неспорни предмети да ги остават на нотарите.

 

- Согласно одредбите од овој Закон предметите ќе бидат делени по механизам и азбучен ред се додека не се распределат сите, а нотарот не смее да одбие предмет, или тоа може да го направи само во исклучителни случаи, рече Јаневски.

 

На средбата присуствуваа претставници од Министерството за правда, од Комората на нотари, претседатели на основни и на апелациски судови во РМ.

Работната средба  беше можност да се слушнат различни прашања, забелешки и сугестиите од присутните заради воедначување на примената на законот .

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk