Делегацијата од Република Македонија предводена од министерот Маневски успешно го одбрани Извештајот пред Комитот за човекови права на ОН  
     
 

28.03.2008

 
 

     Експертите на Комитетот за човекови права на ОН , оценија дека досега Делегацијата на Република Македонија што ја предводи министерот за правда Михајло Маневски била најтемелно подготвена за исцрпна одбрана на Вториот периодичен извештај на РМ по Пактот за граѓански и политички права на ОН.

      Претседавачот на Комитетот г.Рафаел Ривас –Посада од Колумбија и членовите на Комитетот истакнаа дека Република Македонија постигнала напредок во реформите за стабилизирање на институциите,согласно ЕУ стандардите, и пристапила кон оваа проблематика мошне сериозно и со голема посветеност.

      Претседавачот и членовите на Комитетот притоа го потенцираа квалитетот и подготвеноста на сите учесници од македонска страна, и особено го истакнаа придонесот на шефот на делегацијата министерот Михајло Маневски, изјавувајќи дека целиот процес бил успешно воден и координиран од неговиот почеток до крај.

    

  На самиот почеток на одбраната, воведно обраќање имаше министерот Маневски во кое тој накратко ги изложи правните, административните, и други мерки со кои се обезбедуваат правата гарантирани со пактот во периодот 2000-2006 година, како и информации за имплементација на препораките на Комитетот.

      Министерот Маневски ги истакна најновите моменти во врска со состојбите со човековите права во РМ и ратификацијата на одредени механизми, конвенции и инструменти, донесените нови закони, како и за сеопфатните реформи во однос на унапредувањето и имплементацијата на правата гарантирани со Пактот.

       По воведното излагање членовите на делегацијата составена од експерти од различни министерства, накусо ги изложија одговорите на поставените прашања, при што секој член на делегацијата и министерот Маневски одговараа комплементарно и детално ги претставија одговорите пред Комитетот.

      Соодветна стручна поддршка во одбраната на Вториот периодичен извештај на РМ по Пактот за граѓански и политички права на ОН, обезбеди Мисијата на РМ при ОН во Њујорк.

   

   Министерот Михајло Маневски во рамки на посетата , вчера оствари билатерална средба со судии на Федералниот Јужен Окружен Суд на Менхетен, Њујорк, со кои беа разменети искуства за реформите во Казненото законодавство посебно во делот на организираниот криминал, како и за ИТ-системи во судовите и распределбата на предметите.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk