Свечено врачување уверенија на избраните членови на Советот на јавни обвинители од редот на Јавните обвинители  
     
 

04.04.2008

 
 

     На избраните членови на Советот на јавни обвинители : Коста Петровски Тодор Витларов, Елена Гошева, Костадин Кизов, Кире Секуловски и Момир Маричиќ , на пригодна свеченост денеска министерот Михајло Маневски им ги врачи уверенијата за членови на Советот на јавни обвинители од редот на јавните обвинители.

 

      Министерот Маневски честитајќи им го изборот на членовите на Советот, истакна дека со чинот на денешното врачување на уверенијата практично започна со имплементација Законот за Совет на јавни обвинители.

 

      На првите непосредни избори за членови на Советот кои се одржаа на 22-02-2008 година а кои ги реализира Комисијата за прв избор на членови на Советот на јавните обвинители од редот на Јавните обвинители беа избрани 6 члена од редот на јавните обвинители. Согласно Законот за Советот на јавните обвинители министерот за правда и Јавниот обвинител се по функција членови на Советот.

 

      Како што посочи министерот Маневски, изборот на трите преостанати члена на Советот требаше да се изврши на 22 март 2008 година, односно 30 дена по изборот на членовите од редот на јавните обвинители.

 

   - Парламентот треба да одржи итна седница за избор на трите члена на Советот на јавни обвинители, најдоцна 30 дена од изборот на членови на Советот од редот на јавните обвинители, рече министерот Маневски, додавајќи дека според Законот конститутивната седница на Советот на јавни обвинители се одржува во рок од 30 дена од денот на изборот на монозинството членови од Советот на јавни обвинители.

 

      Министерот за правда упати апел до Собранието на Република Македонија колку што е можно побрзо да се изберат преостанатите три члена за комплетирање на Советот на јавни обвинители, за да може тој полноправно да одлучува и да почне да ги извршува функциите.

 

    -Пред Советот на јавните обвинители претстојат сериозни задачи-рече министерот Маневски-Согласно Законот, Советот ќе биде одговорен за ефикасно функционирање на обвинителската организација согласно со принципите на хиерархија почнувајќи од Јавниот обвинител на РМ, до одговорноста на сите пониски јавни обвинители, Советот ќе го врши изборот на јавните обвинители, а ќе ја води и дисциплинската постапка кон оние јавни обвинители кои несовесно или нестручно ќе ги вршат функциите.

 

   - Jавниот обвинител ќе биде одговорен за ефикасно функционирање на кривично - правниот систем и за постигнување на многу поефикасни резултати во работењето, рече министерот Маневски, додавајќи дека во моментов има околу 6.000 нерешени кривични пријави кои не се во јавните обвинителства, туку во други органи.

 

      Профункционирањето на Советот на јавни обвинители, како што нагласи министеротМаневски, е еден од приоритетите што треба да се оствари до октомври годинава, а е од исклучително значење за добивање покана за преговори за полноправно членство во ЕУ.

 

      Министерот за правда истакна дека доколку во определеното време Собранието на Република Македонија не го изврши изборот на трите члена на Советот на јавните обвинители има законска основа за конституирање на Советот и тоа ќе се направи при крајот на идната недела.

 

      Според јавниот обвинител на Република Македонија Љупчо Шврговски со изборот на членови на Советот на јавни обвинители се заокружува процесот на реформи во јавното обвинителство, со што ќе се наметне нов начин на работа во зајакнување на позицијата на јавниот обвинител од преткривичната постапка до завршување на главниот претрес.

 

    Честитајќи им го изборот на новоизбраните членови на Советот на јавни обвинители, претседателот на Судскиот совет Бекир Исени потенцира дека и досега имале добра соработка со јавното обвинителство.

 

   - Би сакал во текот на идната недела Собранието да ги избере и преостанатите членови на Советот на јавните обвинители, затоа што тоа би било добро за конституирањето на Советот и би дало подобра гаранција, рече Исени. Тој додаде дека не сака да се задоцни со изборот на членовите за Советот за јавни обвинители од страна на Парламентот, како што беше случај со изборот за членови на Судскиот совет.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk