Борба против шверцот и пиратеријата - уништени големи количини акцизна стока  
     
 

23.04.2008

 
 

Денеска  на депонијата ,,ДРИСЛА ,,   Министерството за правда во соработка со Координативното тело  за  заштита на интелектуалната сопственост  и судовите ,  изврши уништување на  акцизни предмети  одземени  со правосилна судска одлука : алкохол,  цигари  и пиратерија.

На депонијата ,, ДРИСЛА ,,  беа уништени околу 5 шлепери  цигари, 10.000 литри алкохолни пијалоци и  големи количини запленети ЦД-а и фалсификати со кои  се загрозува интелектуалната сопственост.

Министерот Маневски  кој присуствуваше на оваа успешно изведена акција истакна дека борбата против шверцот и пиратеријата ќе продолжи и понатаму со уште поригорозни активности како на нормативен план така и во имплементацијата на законите.

На новинарско прашање Маневски одговори дека Управниот суд е надлежен да решава по жалбите на политичките партии од изборниот процес, а не Врховниот суд.

Во суштина нема да има никаква дилема за тоа кој е надлежен да постапува по жалбите на партиите, вели Маневски појаснувајќи дека Врховниот суд на новоформираниот Управен суд му предал  6.700 управни предмети.

           Треба да одлучува Управниот суд затоа што Законот за судовите е донесен по Изборниот законик.  Законикот е донесен во март 2006 година, а Законот за судовите е донесен во мај истата година. Законот за судовите ја уредува организацијата и надлежноста на судовите и таму никаде не може да видите надлежност на Врховниот суд да одлучува во споровите за заштита на избирачкото право или за изборните резултати. Тоа е надлежност на Управниот суд, нагласи Маневски.

           Тој ги повика граѓаните да ги проверат податоците во избирачките списоци кои од вчера се на јавен увид, информирјаќи дека постои голем интерес за проверка на податоците преку интернет страницата на Министерството за правда.

          Само вчера веб страницата на Министерството за правда за проверка на избирачкиот список е посетена од 2.225 граѓани, додаде Маневски.

           Граѓаните со право на глас податоците во Единствениот избирачки список може да ги проверат до 1 мај. Тоа ќе може да го направат во подрачните одделенија и во месните канцеларии на Министерството за правда секој работен ден, како и за време на празниците и тоа од 8:30 до 20 часот, а на 1 мај до 24 часот.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk