Свечено врачување на решенија за именување нотари  
     
 

06.05.2008

 
 

Министерот за правда Михајло Маневски денеска на пригодна свеченост врачи решенија за именување 5 нотари со службено седиште во Скопје.

Министерот Маневски истакна дека Министерството за правда посветува големо внимание на унапредување на нотарската служба, особено при подготовката на законите каде што се настојува судовите да се растеретат од вонсудски предмети.Од друга страна се зголемуваат надлежностите на нотарите како на пример во вонпарничната–оставинска постапка и обезбедувањето на побарувањата.

„Се надевам дека функцијата нотар ќе ја вршите чесно, совесно и одговорно, во рамки на Уставот и Законите и ќе го дадете потребниот квалитет“ – истакна министерот Маневски.

Паралелно со зголемување на надлежноста на нотарите се зголемуваат и потребите на граѓаните. Развојот на нотаријатот потсети министерот Маневски треба да биде во функција на полесно решавање на потребите на граѓаните и поефикасно остварување на нивните права.

Во таа смисла Министерството за правда пристапи кон промена на Правилникот за број на службени седишта на нотарите при што бројот на нотарите е зголемен од 148 на 219 за подрачје на државата, а само во Скопје бројот е зголемен за 22 нотари, односно од 45 на 67 седишта на нотари.

Новонаименуваните нотари се  заблагодарија и се обврзаа дека ќе работат во интерес на граѓаните и во согласност со уставот и законите.

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk