Женева, Комитет против тортура на ОН - Позитивна оценка за напредокот на полето на човековите права во РМ  
     
 

07.05.2008

 
 

Делегација на Република Македонија предводена од Министерот за правда  Михајло Маневски учествува на 40-та сесија на Комитетот против тортура на ОН  што се одржува во Женева на 7 и 8 мај на одбраната на Вториот периодичен извештај на Република Македонија по Конвенцијата против тортура и друг суров, нехуман и деградирачки третман или казнување.

Министерот Маневски во  своето обраќање за имплементацијата на Конвенцијата против тортура од страна на Република Македонија се осврна на постигнатиот напредок во сите сфери кои се од интерес за остварувањето на човековите права, посебно за спроведување на  реформите во правосудниот систем, кривичното материјално и процесно законодавство, полицијата, пенитенцијарниот систем, организираниот криминал,  трговијата со луѓе и семејното насилство.

Министерот Маневски се задржа и на конкретните мерки и активности на полето на превенција на тортурата, особено во делот на реформите на пенитенцијарниот систем и системот за внатрешна контрола во рамки на Министерството за внатрешни работи.

Владата на Република Македонија, е цврсто определена да го измени ликот на казнено-поправните установи во Република Македонија. Се реформира пенитенцијарниот систем, нагласи Маневски во согласност со пошироката реформа на казнено законодавство, и се врши едукација на кадрите заради постигнување на целите на ресоцијализација.

На денешната седница Членовите на Комитетот дадоа генерална позитивна оценка за големиот напредок и реформите направени во последните години и ја поздравија подготвеноста на Република Македонија за дијалог по сите отворени прашање. Посебно беше поздравена надградбата на легислативната рамка, јакнењето на капацитетот на институциите, како и транспарентноста на Република Македонија во процесот на реформите и зајакнатата соработка со телата на Обединетите Нации за човекови права.

Дијалогот продолжува утре со одговори на конкретни прашања од интерес на членовите на Комитетот.

Во текот на утрешниот ден, предвидена е и средба на Министерот Маневски со Генералниот Директор на Канцеларијата на ОН во Женева, Г-дин. Сергеј Ожорнигиѕе.

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk