Министерот Маневски и министерот Селмани во посета на здравствен пункт во КПД Идризово  
     
 

27.05.2008

 
 

            Денеска  министерот за правда Михајло Маневски и министерот за здравство Имер Селмани  го посетија здравствениот пункт во Казнено поправниот дом Идризово каде што се вршат систематски прегледи на осудените лица  и вработените во затворот.

            Посетата е во рамки на активностите кои се преземаат по претходно постигнатиот договор помеѓу Казненоно – поправниот дом Идризово и ЈЗУ Здравствен дом – Скопје за спроведување здравствени  прегледи на сите осудени лица .

            Со акцијата за здравствени прегледи  на осудените лица во затворот Идризово која започна во април оваа година  ќе бидат опфатени 1350 лица.

            Сите осудени, притворени и малолетни лица, согласно Законот за извршување на санкциите и Европските затворски правила, за време на нивниот престој во казнено - поправните и воспитно - поправните установи во Република Македонија имаат право на здравствена заштита според општите прописи, а затворската управа  е должна да се грижи за  физичкото и менталното здравје на сите нејзини затвореници, при што сите медицински услуги треба да им бидат на располагање.

Систематскиот преглед се состои од контрола на кардиоваскуларниот систем, ЕКГ, контрола на белите дробови, крвниот притисок и нивото на шеќерот во крвта.

Кампањата е поделена на два дела, од која со првиот дел ќе бидат опфатени 700 лица од затворениот дел на Идризово, каде што се издржуваат повисоките казни и доживотниот затвор. Лекарските екипи ќе прегледуваат по 40 лица дневно.

Со вториот дел од кампањата  ќе се опфатат околу 650 осудени лица.

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk