Договорена поинтензивна соработка со министерството за правда на Словенија  
     
 

24.02.2006

 
 

Министерот за правда на Република Македонија, Мери Младеновска-Ѓорѓиевска и  министерот за правда на Република Словенија, Ловро Штурм на денешната средба во Љубљана разговараа за  состојбата во правосудството во двете земји.

Министерот Младеновска-Ѓорѓиевска информира за обемните реформски чекори што Министерството за Правда ги презеде во текот на 2005 година. Таа рече дека најкрупниот чекор во реформите беа измените на Уставот. Министерот Младеновска -Ѓорѓиевска потенцира дека донесувањето на Законите за: пранична постапка, за извршување и за Акедимија за обука на судии и обвинители е од огромно значење за подобрување на ефикасноста, ажурноста, како и за зголемување на стручноста на судиите и обвинителите  Таа додаде дека во тек е донесувањето на Законот за судови, Законот за судски совет и Законот за прекршоци, кои се наоѓаат во прва фаза во Собранието на РМ. Министерот Младеновска-Ѓорѓиевска се интересираше за начинот на организација на судството во Република Словенија.

Министерот за Правда на Република Словенија Ловро Штурм рече дека кај нив постојат два вида на првостепени судови, во зависност од големината на местата во кои се, но дека имаат проблем со ефикасноста кај судовите во помалите места. Тој додаде дека во Словенија во рамките на реформските активности се размислува за воведување пробен мандат за судиите во траење од шест или осум години. Ова како што подвлече тој поради потребата од оценка на работата на судиите и особено нивната ефикасност.

Министерот Младеновска-Ѓорѓиевска и министерот Ловро Штурм на средбата се договорија за понатамошната заемна соработка, која ќе подразбира размена на закони, експерти и други искуства од реформскиот процес.

Во таа насока е договорено Министерството за правда на Република Македонија да ги достави до словенечкото Министерство за правда законот за парнична постапка, Законот за извршување и Законот за Академија за обука на судии и обвинители. Министерот Штурм рече дека решенијата и искуствата од Македонија за овие теми ќе бидат добредојдени.

Од словенечка страна во наредниот период во Република Македонија ќе дојдат експерти кои ќе се вклучат во јавната дебата за Законот за судови и Законот за судски совет.

Министерот Младеновска-Ѓорѓиевска денеска имаше средба и со претседателот на Уставниот суд на Словенија, Јанез Чебуљ, а попладнево ќе се сретне со генералниот државен обвинител, Барбара Брезигер

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk