Маневски- За реновирање на затворите во Македонија ќе бидат потрошени 14 милиони евра  
     
 

27.05.2008

 
 

МИА - Сите затвори во Македонија ќе бидат реновирани со што ќе се создадат квалитетни и хумани услови за престој на затворените лица според европските стандарди, изјави денеска министерот за правда Михајло Маневски, потенцирајќи дека за оваа намена ќе бидат потрошени 14 милиони евра.

Најголем дел од парите, осум милиони евра ќе бидат искористени за КПД „Идризово“ каде што ќе биде изградено ново крило со капацитет од 750 лица, старечко одделение, болница, тренинг-центар за вработените и полуотворено одделение. Ново притворско крило ќе има и во затворот „Шутка“, ќе се реконструира кујната и ќе се реновира притворскиот дел. Доградба и реновирање ќе претрпи и КПД во Штип, а во тек е интензивна изградба на затворот во Куманово кој треба да заврши во 2009 година. Реновирање на сите постојни простории, санитарни јазли, водоводна инсталација, греењето ќе се изврши и во затворите во Тетово, Прилеп, Гевгелија, Охрид, Струга, Битола и во Струмица. Ќе се оспособуваат и сите одделенија за притвор, а ќе бидат вработени 290 лица.

- Владината програма за реновирање и изградба на затворските установи во земјава која предвидува создавање оптимални услови за престој на осудените и вработените лица треба да се заокружи до 2011 година. Од 14 милиони евра, четири ќе издвои Владата од Буџетот, а 10 се кредит од Европската банка за обнова и развој-ЕБРД, рече министерот Маневски.

Владата на Република Македонија, како што напомена Маневски, цврсто е определена да го смени овој лик во затворите кој денес го имаме. - Сега сакаме да направиме такви стандарди коишто ќе бидат компатибилни со европските и коишто ќе значат услови за ресоцијализација, за хумано постапување, за здравствена заштита на осудените лица, услови коишто ќе значат едукација на кадрите, додаде тој.

Според министерот за правда ќе се направат напори со оглед на оправданите забелешки да се создатат и услови во Воспитно-поправниот дом во Тетово за сместување на малолетници.

          Маневски посочи дека иако Програмата се реализира во овој предизборен период таа била донесена уште во март, а за што е информирана и Антикорупциската комисија која дала позитивно мислење.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk