Министрите Селмани и Маневски најавија подобрување на здравствената заштита на затворениците  
     
 

27.05.2008

 
 

МИА - Постојана здравствена заштита и повеќе лекари побараа осудениците во затворот „Идризово“ од министрите за здравство и за правда Имер Селмани и Михајло Маневски, кои денеска ја посетија оваа казнено-проправна установа каде што се вршеа бесплатни превентивни прегледи на затворениците.

Министерот Селмани најави дека проблемот со здравствената заштита на осудениците трајно ќе биде решен со изградбата на стационарот во рамките на оваа установа.

- Крајното решение е во изградбата на една болница - стационар тука во кругот на затворот „Идризово“ за која Владата на Република Македонија веќе донесе одлука, обезбедени се финансиските средства и во наредните неколку месеци се очекува да почне со изградбата. Тогаш не само што ќе имаме објект со минимум 250 легла, туку ќе имаме и апарати за дијагностика и ќе имаме перманентно 24-часовно лекарско згрижување, истакна Селмани.  

Министерот Маневски посочи дека со Програмата на Владата за реновирање на затворот, со предвидените нови 290 вработувања ќе бидат надминати проблемите со кои се соочуваат осудениците во оваа установа и најави подобрување на здравствената заштита на затворениците.

- Пред година и пол и нешто повеќе дојдов на оваа функција имаше само еден лекар во овој дом. Сега има неколку лекари, значи има невропсихијатар, има двајца лекари од општа медицинска практика, има стоматолог, повремено доаѓаат гениколог, интернист, а во тек е постапка за прием на уште два лекари. Значи, има медицински персонал, лаборанти. Тоа значи дека ние настојуваме да обезбедиме 24-часовна здравствена заштита во овој КПД заради тоа што оценуваме дека тоа е непходно, рече Маневски. 

          Во КПД „Идризово“ тим на лекари од Здравствениот дом - Скопје вршеа контрола на нивото на шеќерот, холестеролот и притисокот на осудениците. Со контролите кои започнаа пред речиси еден месец ќе бидат опфатени сите 1.350 затвореници.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk