Средба со Маршалската служба на САД-Програма за конфискација на имот и средства  
     
 

29.05.2008

 
 

Во рамки на проектот „Како да се создаде и одржи ефективен и ефикасен систем за управување со конфискуван имот и имотна корист“ министерот за правда Михајло Маневски денеска се сретна со г. Стивен Глејден и г. Ричард Грин, претставници од Маршалската служба на САД.

Маршалската служба на САД е најстара и мултифункционална агенција во САД која се грижи за спроведување на законот на сојузно ниво. Оваа служба ја раководи Програмата за конфискација на имот и средства на Министерството за правда на САД, преку управување, отуѓување и продажба на имот и средства, запленети и конфискувани од страна на сојузните агенции и обвинителите на САД. Во моментов Маршалската служба е задолжена и управува со имот и средства, во вкупна вредност од 1,7 милијарди американски долари.

Министерот Маневски  запознавајќи ги  гостите со Нацрт законот за управување со  конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка кој е во собраниска процедура, истакна дека ќе бидат добредојдени искуствата на Маршалската служба на САД. Со нацрт законот се востановува посебно тело – Дирекција за управување со конфискуван имот кое ќе биде задолжено за  управување со конфискуваниот имот. Исто така за десетина дена најави министерот Маневски ќе биде ставено во функција Централно депо за одземените предмети.

Гостите се заблагодарија на срдечниот прием и изразија подготвеност за соработка и ефикасна примена на моделот за конфискација на имот во Република Македонија.

Програмата „Како да се создаде и одржи ефективен и ефикасен систем за управување со конфискуван имот и имотна корист“ е заеднички проект на  Програмата за развој, помош и едукација на јавни обвинителства (ОПДАТ) при Амбасадата на САД во РМ и Здружението на јавни обвинители на РМ во соработка со Набљудувачката Мисија на ОБСЕ во Скопје, Министерството за правда и Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk