Министерот за правда на Република Македонија г. Михајло Маневски се сретна со заменик - шефот на Одделот за владеење на правото на ОБСЕ г.Џовдат Мамадов.
На средбата, заменик - шефот Мамадов му го честита повторниот избор за министер на г. Маневски, велејќи дека досегашната добра соработка помеѓу двете институции ќе продолжи и во иднина.
На средбата се разговараше за бројни активности и проекти кои во континуитет се спроведуваат од страна на Министерството за правда со експертска и финанскиска поддршка од страна на Мисијата на ОБСЕ како и за нови предлог - проекти за продлабочување на соработката и поддржување на реформите во правосудството. Се дискутираше за нов предлог - проект во рамките на реформите на пенитенцијарниот систем за ресоцијализација на затворениците; се разменија мислења за понатамошна реализација на проектот за амандманите на Изборниот законик и плановите за нивна имплементација; за реализацијата на проектот за легислативниот процес, за потпишување на нови меморандуми за соработка во одделни области поврзани со реформите; за понатамошната имплементација на Стратегијата за реформи на казненото законодавство и планираните рокови за усвојување на измените на казненото законодавство.
Министерот за правда Михајло Маневски го информираше заменик -шефот Мамадов дека реформите со забрзано темпо продолжуваат согласно со зацртаните рокови. Тој му се заблагодари на г. Мамадов за особено значајната експертска, финансиска и техничка поддршка од страна на ОБСЕ и партнерскиот однос во заедничките проекти што се реализирани во рамките на реформата на правосудниот систем. Министерот Маневски изрази уверување за продлабочување на постојната соработка во однос на проектите кои беа дискутирани на состанокот како и за реализацијата на натамошните заеднички активности помеѓу Министерството за правда и Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија.