Шеснаесет новоизбрани судии потпишаа свечени изјави  
     
 

02.09.2008

 
 

МИА - Во Судскиот совет на Република Македонија денеска свечени изјави потпишаа 16 новоизбрани судии, со што бројот на судии избрани во изминативе девет месеци се зголеми на 115.

Посакувајќи им стручно, совесно и одговорно работење, без влијанија и притисоци, министерот за правда Михајло Маневски рече дека новоизбраните 115 судии се една шестина од вкупниот број судии во Македонија и оти со нивното назначување се внесе свежина во судовите и се пополнија многу празни места.

- Судовите во Република Македонија денеска не се такви какви што беа вчера, но не се и такви какви што треба да бидат утре. Судиите мора да бидат многу подобри и поефикасни и судската функција да ја извршуваат совесно и одговорно, рече Маневски.

Потсетувајќи дека на почетокот на судските реформи во 2006 година беа донесени пет - шест закони, а во изминативе година и пол се донесени уште 57 нови закони, Маневски рече дека акцентот на Владата и на Министерството за правда е ставен на имплементирање на донесените закони и нивното функционирање во заштита на правата и слободите на граѓаните во судските постапки.

- Значаен индикатор на реформите е тоа што во 2007 година ниту еден од судовите не го  имаше совладано приливот на новите предмети, а сега во 2008 година сите основни судови го совладуваат приливот и заостатокот на нерешените предмети е намален за околу 130.000 или 14, 5 отсто, истакна министерот за правда Михајло Маневски.

Тој најави дека од 1 јануари 2009 година сите извршни предмeти од судовите ќе преминат во надлежност на извршителите, со што ќе се растоварат судовите.

Говорејќи за реформските процеси, Маневски посочи дека во измените на Законот за судовите ќе биде предвиден услов кандидатот за судија да има познавање од еден странски јазик и работа со компјутери. Тој додаде дека од Владата ќе бидат побарани нови 600 компјутери за судовите и јавните обвинителства и со претходните 300 кои веќе се поделени, годинава ќе се обезбедат вкупно 900 компјутери.

Претседателот на Судскиот совет Бекир Исени, посакувајќи им успех во работата на новоизбраните судии, ги повика сериозно да ја сфатат судската функција, затоа што, како што рече, еднаш избран судија засекогаш е судија.

Според Исени, судските реформи во Македонија можат да бидат модел за соседните земји и оти единствена забелешка е што не е разрешено прашањето на имунитетот на судиите.

Говорејќи за пензионирањето на судиите, Исени рече дека ќе биде активен во измената на законите во однос на пензионирањето на судиите во Врховниот суд и на универзитетските професори и ќе бара тие да не одат во пензија пред наполнети 70 години.

- Судиите и професорите токму во тој период ќе можат да го пренесат своето искуство и знаење. Во многу земји во Европа се бара минимум 50 години старост за избор на судија на Врховен суд, што е нормално. Исто така и универзитетските професори треба да бидат пензионирани на 70 години, смета Исени.

Одговарајќи на новинарско прашање дали како претседател на Судскиот совет чувствува одговорност затоа што често се случува веднаш по изборот некои судии да се повлечат, како што беше и последниот случај со изборот на судија во Врховниот суд, рече дека не чувствува за потреба да разговара со професорката Родна Живковска зошто тоа го направила, затоа што во оставката навела дека се повлекува поради семејни причини.

 - Тоа е нејзино барање кое ќе биде брзо ставено на дневен ред и ќе се продолжи со постапката за избор на нов судија во Врховниот суд, додаде Исени.

Од 16 новоизбрани судии еден е претседател на Апелацискот суд во Битола, еден е судија во Управниот суд, а останатите се од основните судови. 

Новоизбраната претседателка  на Апелацискиот суд во Битола Даница Ристева по свечената изјава рече дека се надева оти Судот со кој ќе раководи во работата ќе биде ажурен како и досега. - Проблем се основните судови кои не се ажурни, рече таа, додавајќи дека смета оти за една година старите предмети ќе се расчистат, затоа што има капацитет за тоа.

Даница Ристева рече дека се откажува од кандидатурата за член на Судски совет.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk