Стапуваат во сила законски измени за поефикасно остварување на правата на граѓаните во парнични и управни постапки  
     
 

10.09.2008

 
 

МИА - Денеска стапуваат во сила измените на Законите за општа управна постапка и за парнична постапка, кои треба да придонесат за поефикасно остварување на правата на физичките и правните лица.

Како што појасни миннистерот за правда Михајло Маневски на денешната средба со новинарите, најзначајни новини во Законот за управна постапка се скратување на роковите за постапките, намалување на рокот за достава, воведувањето електронска достава, потоа обрската второстепениот орган сам да го реши предметот за кој решението еднаш било поништено, кaко и според него, најзначајната, за прифаќање на молчењето на администрацијата односно ненавременото донесување решение како потврден одговор за барателот.

За поедноставување на постапката времето се скратува од досегашните 60 на 30 дена за сложени и од 30 на 15 дена за поедноставни постапки, рокот за доставување се намалува од 15 на седум дена, а доколку не се најде физичкото или правното лице на посочената адреса, се остава известување во рок од седум дена ја подигне доставата од судот. Доколку тоа не се случи судот ќе смета дека доставата е уредно извршена.

Измените што Маневски ги посочи како исклучително значајни, предвидуваат доколку по барањето на странката надлежниот орган не донесе решение во предвидениот рок, да се смета дека барањето на странката е уважено, во постапка и услови предвидени со закон.

И новините во Законот за парнична постапка, според Маневски, се во насока на обезбедување законски механизми за поефикасно постапување на судовите во разрешување на спорните односи меѓу правните субјекти. Со нив се зајакнува системот на достава и се воведува можност за доставување на судските писмена по електронски систем што треба да почне да се применува по една година, период за кој треба да се извршат сите неопходни подготовки. Исто така, се определува рамка од 15 дена за достава во која судот треба да започне со доставување на судските писмена и да направи два последователни обиди за достава.

Со цел да се избегне неплаќањето на судските такси, кое доведува до трупање на предмети во судовите бидејќи тие не се решаваат без платени такси, се воведува обрска тужителот таксата за тужбата да ја плати најдоцна во рок од 15 дена од денот на нејзиното донесување, односно во рок од осум дена во посебните постапки. Ако таксата не биде пплатена судот ќе смета дека тужбата е повлечена.

Министерот Маневски, запрашан да ја коментира состојбата во судството и спороведените реформи, истакна дека таа е мошне подобра од пред две години, за што имало поволни оценки и на последната средба на македонските владини преставници во Брисел, но, како што рече позитивна оценка дала и експертската мисија која била  во Македонија во март годинава.

За подобрување на состојбите во судството, според Маневски, сведочи и податокот дека на пример во првата половина од 2008 година во судовите приливот на предмети е намален за 205 илјади во однос на истиот период 2006 година, што, како што рече се должи на почитувањето на законите и дисциплина во правниот промет, решавање на споровите во други органи. Значаен е и податокот, додаде тој, и за намалувањето на бројот на нерешени предмети какви во 2008 имало 125 илјади или 14 проценти помалку од 2006 година.

Одговарајќи на новинарско прашање дали македонската Влада го добила Извештајот на Комитетот за спречување на тортура при Советот на Европа во кој се тврди дека во македонските затвори затворениците се спроведува тортура и оти дури се врзуваат со синџири, Маневски истакна тој е пристигнат во Македонија и оти во нардениот период ќе биде разгледан и ќе се одговори на забелешките.

Тој истакна дека претставници Комитетот за спречување на тортура биле во Македонија пред месец и половина и оти по тоа дал препораки и насоки за спречување на тортурата, кои, како што рече, се преточени во наредби и дека затворскиот персонал се однсеува согласно тие наредби. Тоа значи, додаде Маневски, дека се забранува било каква тортура, нечовечко или сурово постапување, со оглед на тоа што не е во духот на законот за извршување на санкции, ниту со правилата за постпување на затворскиот персонал.  

Маневски информираше дека во тек е обуката за новите двестотина вработени во македонските затвори, со цел тие да се однесуваат по евроопски стандарди кон осудените лица.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk