Почнува обуката на втората генерација кандидати за судии и јавни обвинители  
     
 

15.09.2008

 
 

МИА - Во Академијата за обука на судии и јавни обвинители денеска беше одбележан почетокот на обуката на втората генерација кандидати за судии и јавни обвинители.

Министерот за правда Михајло Маневски во обраќањето на свеченоста рече дека Академијата за обука на судии и јавни обвинители со голема поддршка на меѓународната заедница, Владата,  Министерството за правда за многу кусо време се издигна на едно потребно ниво и оти во неа поминале низ обука повеќе од 2.500 судии, јавни обвинители, нотари, медијатори, млади правници, извршители и адвокати.

- Тоа е еден огромен потенцијал кој е едуциран во рамките на различните области на правото. Академијата ужива и ќе ужива поддршка и ќе дава секаква помош бидејќи таа врши значајна функција за обезбедување квалитетен и стручен кадар. Градиме профил на европски судија и нашето законодавство го усогласуваме со европското законодавство, истакна Маневски.

На последната седница, како што рече, Владата донесе дополнителна одлука покрај претходно донесените, за судиите и јавните обвинители да се набават комјутери. Тој посочи дека тендерот деновиве ќе биде распишан, во тек е програма за едукација на претседателите и членовите на комисиите кои ги решаваат прекршоците, а во тек ќе биде едукација на судиите кои ќе работат на стопанската и стечајната материја.

- Судството во Република Македонија ако го споредиме со 2006 година кога имаше над 480.000 нови предмети примени во судовите, во првото полугодие од годинава тој број е намален за 205.000 предмети или околу 40,6 отсто. До 2007 година постојано се бележеше еден тренд на зголемен број предмети во судовите, тоа веќе е запрено. Тоа беше и целта судовите да се занимаваат со најзначајните спорови, да решаваат спорни прашања. Првпат во 2008 година се случува да се намали бројот на нерешените предмети во судовите за 130.000 или за околу 14 отсто, додаде Маневски.

Претседателот на Врховиот суд на Република Македонија Јово Вангеловски истакна дека во државата во екот на судските реформи се направени демократски чекори за модернизирање на судството, а еден од нив е основањето на Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

- Завршувањето на почетната обука на првата генерација на кандидати и отпочнувањето на обуката на втората генерација на кандидати за судии и јавни обвинители означува воспоставување на еден современ модел на едукација и обука на кандидати за идни судии и јавни обвинители. Целите и функциите на судството не може успешно да се остваруваат без стручно подготвени судии и јавни обвинители, рече Вангеловски.

Врховниот суд на Република Македонија, додаде тој, дава севкупна поддршка на Академијата, како и на сите иницијативи на планот на реализирање на почетната и континуираната едукација.

На присутните им се обрати и претседателот на Советот на обвинители на Република Македонија Елена Гошева, која рече дека членовите на Советот ќе се залагаат за побрзо и поуспешно едуцирање на кандидатите за судии и јавни обвинители.

Директорот на Академијата за обука на судии и јавни обвинители на Република Македонија, судијата Анета Арнаудовска рече дека во изминатите две години Академијата стана институција која доби широка поддршка од судиите и јавните обвинители кои во разни облици се вклучени во нејзините активности, едукатори, ментори и изготвувачи на програми кои даваат свој печат во градење на Академијата како оргинална школа со своја концепција и стратегија изградена на меѓународни стандарди.

Академијата, посочи таа, соработува со голем број домашни и странски институции, прераснува во вистински сервис на судиите и јавните обвинители и фактот во приближување на правосудствата во државите во Европа и светот.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk