Јавна расправа за измените на Изборниот законик  
     
 

22.09.2008

 
 

МИА - Македонските државјани кои се на привремена работа и престој во странство да учествуваат во изборот на претседател и на тројца пратеници во Собранието на РМ,  да се обезбедат места во Парламентот на припадниците на помалите етнички заедници, предвидени се нови одредби за финансирање на изборната кампања, водењето на избирачкиот список да го врши Државната изборна комисија, усогласување на заштитата на избирачкото право со законите за судовите и за управните спорови, како и усогласување на Изборниот законик со Законот за прекршоци.

Ова се дел од измените и дополнувањата на Изборниот законик кои ги предлага Министерството за правда, а беа изнесени на денешната јавна расправа на која учествуваа претставници на политичките партии и на меѓународните организации.

- Измените што се предлагаат ќе значат брана од несаканите случувања и прогрес на изборниот процес. Тоа е дел од нашиот пат кон Европа и на сето тоа мора да истраеме, истакна на дебатата министерот за правда Михајло Маневски, додавајќи дека се надева оти насилството од последните избори нема да се повтори, а сторителите ќе сносат законски консеквенци.

Во однос на финансирањето на изборната кампања, Маневски појасни дека измените се направени со цел да се обезбеди заштита на правните механизми од незаконското финансирање на кампањата. - Се воведува обврска да се води регистар на донации. Се зголемува износот од 60 на 180 денари што можат да се потрошат во кампањата по запишан избирач во изборната единица. Финансискиот извештај мора дa се достави веднаш, а најдоцна 15 дена по завршувањето на изборната кампања до ДИК, ДКСК, Државниот завод за ревизија и Собранието на РМ, појасни министерот за правда Михајло маневски.

Со измените и дополнувањата на Изборниот законик водењето на Избирачкиот список по препорака на ОБСЕ се предлага да премине во надлежност на ДИК.

- Со ова се обезбедува евиденцијата на избирачкото право да ја врши еден орган, се скратуваат роковите во постапката на подготвување на избирачкиот список од денот на распишување до денот на одржувањето на изборите и се концентрира евиденцијата на избирачкото право на едно место што ќе има и позитивни финансиски импликации, рече Маневски.

Согласно предложените измени, државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа и престој во странство ќе учествуваат во изборот на претседател на Републиката и во изборот на трoјца пратеници во Собранието на РМ. Гласањето на овие лица ќе се врши во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија, според пропорционалниот модел.

Министерот за правда рече дека посебно внимание во измените и дополнувањата на Изборниот законик заслужува обезбедувањето на загарантирани места во Парламентот за припадниците на помалите етнички заедници кои се наведени во Преамбулата на Уставот на РМ.

- Со измените и дополнувањата на Изборниот законик се предвидува Собранието на РМ да го сочинуваат 133 пратеници. Од нив 120 пратеници ќе се избираат како и досега по пропорционален модел во шесте изборни единици на територијата на РМ, тројца пратеници од дијаспората и десет од припадниците на турската, српската, ромската, бошњачката и влашката заедница, појасни Маневски.

Тој додаде дека со ова решение се операционализира уставното начело за еднаквост на сите граѓани во Република Македонија.

Зоран Петревски од ВМРО-ДПМНЕ предложи во измените и дополнувањата на одредбите во Изборниот законик да стои дека членовите на избирачките одбори не може да бидат од општината каде живеат. - Ова се предлага од причина што доколку членовите се од општината каде живеат може врз нив да се врши некаков притисок од страна на нивните соседи, што може да влијае на изборниот процес,  додаде тој.

Петревски предложи на набљудувачите на изборниот процес да им се овозможи да имаат увид во документите за идентификација на гласачите и да можат во текот на изборите да вршат проверка доколку е потребно.

Претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов побара во измените и дополнувањата на Изборниот законик да се прецизира одговорноста на лидерите на политичките партии за насилствата во изборниот процес и да се предвидат соодветни казни.

Трајанов предложи наместо шест изборни единици, Република Македонија да биде една изборна единица, со што, како што рече, помалите политички партии ќе имаат можност да имаат свои претставници во Парламентот и не ќе мора да коалицираат со поголеми политички партии.

Цветанка Иванова од СДСМ истакна дека нејзината партија ја поддржува идејата за гласање на македонската дијаспора, додавајќи дека треба и понатаму да се работи на усовршување на Изборниот законик за да не се случи гласање на дијаспората да биде нов извор на изборни нерегуларности. 0

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk