Советување на тема „Молчењето на државните органи значи одобрување“  
     
 

03.10.2008

 
 

 Во организација на Министерството за правда и Државниот управен инспекторат, денеска се одржа советување за доследното спроведување на измените на Законот за општата управна постапка, кој стапи на сила во септември годинава. Темата на советувањето на кое учествуваа вработените во органите на државната управа, во агенциите, во заводите и во министерствата беше „Молчењето на државните органи значи одобрување“.

- Покрај принципот „молчењето значи одобрување“, во Законот се предвидени и други обврски кои треба да бидат исполнети од страна на органите, а кои досега беа голем проблем за граѓаните, односно кога повеќе пати едни исти решенија се укинуваа, поништуваа и се враќаа на првостепениот орган на повторно одлучување. Се случуваше едно решение да биде поништено, еднаш, двапати, трипати или четирипати и повторно да биде вратено на првостепениот орган да донесува иста одлука, истакна министерот за правда Михајло Маневски.

Со измените на Законот за општата управна постапка, како што посочи Маневски, ќе се одбегнат забелешките од граѓаните дека се донесуваат исти решенија, дека има необјективност и оти неправилно се применува законското решение.

- Со воведувањето на принципот „молчењето е одобрување“ органот на управата кога ќе прими барање од странка е должен по барањето да донесе одлука во рокот што го пропишува Законот за општата управна постапка. Доколку органот на управата не донесе решение во законски пропишаниот рок, тогаш ќе се смета дека барањето на странката е задоволено, појасни министерот за правда.

Во тој контекст, Маневски додаде дека тоа значи дека кога странката ќе поднесе определено барање согласно Законот за општата управна постапка, во барањето треба да бидат доставени сите потребни документи кои се предвидени во материјалниот закон.

Според Маневски, со воведувањето на принципот „молчењето е одобрување“ ќе се зајакне одговорноста на државните службеници и на министерствата за навремено да постапуваат по барањата на странките.

- Странките треба точно да знаат кои документи треба да ги приложат во барањата и доколку го направат тоа, а органот на управата не донесе решение во определениот рок тогаш странките треба да сметаат дека барањето им е удоволено, додаде министерот за правда.

Директорот на Државниот управен инспекторат Димитар Ѓеорѓиевски појасни дека дополнително ќе мора да се предвидат точни обрасци кои ќе бидат достапни на секој шалтер, да може секој граѓанин да биде информиран за тоа што треба да биде донесено како прилог кон своето барање за да може да се повика  на принципот „молчењето е одобрување“ таму каде што ќе биде предвидено во материјалниот закон.

- Во Законот за општа управна постапка е предвидена една рамка која нема да предизвика двојство во мислењата или конфузија помеѓу државните органи кога ќе го применуваат законот. Прецизирањето ќе се изврши во материјалните закони, а Законот за општа управна постапка  е пропис кој се применува тогаш кога нешто нема да биде прецизирано во материјалниот закон, рече Ѓеорѓиевски.

Тој истакна дека рокот за издавање на одобренијата, односно за одлучувањето  ќе бидат утврдени во материјалниот закон, а роковите  во Законот за општа управна постапка се од 15 до 30 дена, а претходно беа од 30 до 60 дена.

Со измените на Законот за општата управна постапка се уредува и доставувањето на писмената во управната постапка, бидејќи досега претставуваше  проблем кој влијаеше на одолговлекувањерто на постапката.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk