Делегација од Црна Гора предводена од министерот за правда г. Мираш Радовиќ во посета на Република Македонија  
     
 

17.10.2008

 
 

Делегација од Црна Гора предводена од министерот за правда г.Мираш Радовиќ денеска престојува во  еднодневна работна посета на Република Македонија .

Во рамки на посетата делегацијата имаше средба со министерот за правда Михајло Маневски  и  беше потпишан Протокол за правна и судска соработка помеѓу двете министерства.

Согласно Протоколот, министерствата за правда на двете држави ќе соработуваат за зацврстување на соработката во борбата против организираниот криминал,трговијата со луѓе, трговијата со наркотични дроги, перењето пари, корупцијата и тероризмот и други облици на криминал, што претставуваат закана за јавниот интерес и ги загрозуваат човековите права, и ќе изнаоѓаат специфични начини за меѓусебна соработка, заради откривање, одземање и запленување или конфискација на имот и имотна корист прибавена со таквите кривчни дела.

- Во разговорите што ги имавме со црногорскиот колега пред потпишувањето на Протоколот констатиравме дека  главно имаме компатибилни правни системи, исти насоки во нивниот развој и големи можности за соработка. Потпишувањето на Протоколот ќе значи поттик за поголема соработка меѓу двете министерства, но и меѓу двете земји кои и досега имаа одлична билатерална соработка на сите полиња, рече министерот Маневски по потпишувањето на Протоколот, нагласувајќи дека правната рамка е фундамент за развој на другите облици на соработка.

Тој посочи дека во Македонија се усвоени 60 закони од областа на правосудството и оти судовите веќе успеваат да го совладаат приливот на новите предмети што е за прв пат по 17 години.

- За 40 отсто е намален бројот на предмети во судовите, а за 15 отсто е намален бројот на нерешените предмети. Основна интенција е судовите да ги решаваат спорните предмети, а останатите нотарите и извршителите, рече Маневски истакнувајќи дека се надева оти соработката со црногорското министерство за правда ќе се интензивира во наредниот период.

Заблагодарувајќи за иницијативата за потпишување на Протоколот на министерот Маневски, министерот Радовиќ рече дека со актот на потпишувањето не само што се изразила добрата волја, туку и цврстата решеност за соработка во областа на правосудството меѓу двете држави.

- Реформата на правосудството е една од главните претпоставки за пошироки интеграции, а регионалната соработка е еден од основните услови за европската и евроатлантската интеграција  на нашите две држави. Затоа со потпишувањето на Протоколот дадовме двонасочен импулс за остварување на нашиот пат кон ЕУ и НАТО, рече Радовиќ.

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk