Стразбур: Средба со Комесарот за човекови права на Совет на Европа г.Томас Хамарберг  
     
 

10.10.2008

 
 

Министерот  Маневски го информираше  г. Хамарберг за целокупниот процес на реформи во Република Македонија, како и за статусот на имплементација на препораките во Предлог извештајот на  г. Хамарберг,  изготвен врз основа на неговата посета на РМ од 25-29 .02. 2008 година.

Во однос на препораките кои се однесуваат на статусот на меѓународните стандарди за човекови права,изнесено беше дека со цел забрзување на процесот на ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за борба со трговија со луѓе и Конвенцијата за заштита на децата од сексуална експлоатција и злоупотреба, се реализираат активности за доусогласување на нашето законодавство со овие конвенции. Презентирани беа измените во Кривичниот законик со кое се воведе новото кривично дело трговија со малолетно лице и се дефинираше поимот на жртва на кривично дело. Исто така, презентиран беа и тековните активности за доусогласување на законодавството при што согласно Конвенцијата за борба со трговијата со луѓе предложено е вградување на право на пристап до пазарот на труд на жртвите на трговијата со луѓе.  Вградени се одредби со кои се пооструваат казните за делата на сексуална злоупотреба на деца  и вовено е ново кривично дело „Производство и дистрибуција на детска порнографија преку компјутерски систем. Во тек е изработка на Акционен план за превенција и борба со сексуална злоупотреба на деца, во кој ќе бидат содржани активности на превенција, помош и заштита на жртвите како и  програми за работа со сторителите на овие кривични дела. Во постапка на ратификација е Дополнителниот Протокол кон Конвенцијата против тортура.

Во делот од препораките кои се однесуваат на владеењето на правото  и целосно спроведување на судската реформа изнесено беше дека непречено се одвиваат активностите за обука на судиите и јавните обвинители во насока на јакнење на нивните капацитети,  што е  препорака во извештајот, дека во тек се активностите за отворање и/или реконструкција на судските згради и нивно компјутерско поврзување како и тоа дека до крајот на 2008 година ќе биде усвоен Законот за бесплатна правна помош.

Во делот од препораките кои се однесуваат на напори за борба со дискриминациија се истакне изработката на Закон за заштита од дискриминација, кој се очекува да биде усвоен од крајот на 2008 година. Во законот се инкорпорирани директивите на ЕУ. Во делот на правата на децата се истакнаа законските измени со кои се воведува задолжително средно образование и обезбедување на бесплатен автобуски превоз за социјалните случаи.

Како најголемите забелешки беа во делот на пенитенцијарните установи, Министерот  ги презентираше достигнувањата во оваа сфера. Притоа акцент беше ставен на процесот на реновирање на казнено-поправни установите установи. Презентирано беше дека во тек се градежните работи со средствата обезбедени од Програмата ЕК/КАРДС 2006 на ЕАР за трите казнено-поправи установи: Прилеп, Штип и Идризово кои до крајот на годината ќе завршат, додека постапката за обезбедување на средства од кредит од Европската банка за развој тече и  се чека конечниот одговор.

Со заемот од Банката за развој на Советот на Европа се работи и во Затворот Скопје каде веќе е во тек изградба на ново крило за притвор за 170 лица со што значително ќе се подобрат условите за престој на притворените лица, ќе има можност за престојување на свеж воздух и по два часа на ден, а покрај тоа и  хигиената, како личната така и на просториите ќе биде многу подобрена. Министерството за правда и Управата за извршување на санкциите во наредниот период продолжуваат со активностите за унапредување на состојбите во казнено-поправните установи особено за: онечно наоѓање на соодветно решение за сместување на ВПД Тетово, изградба и опремување на дом – болница во рамките на КПД Идризово како и на генерално подобрување на условите во сите Казнено поправни домови и затвори, како и ставање во функција на Тренинг центарот заради континуирана едукација на вработените.

 Министерот Маневски го изрази своето нескриено задоволство од веќе имплементираните препораки, и изрази надеж дека сето она што е планирано ќе се реализира во тајминзите и роковите предвидени во Владината програма и изрази надеж дека по целосна имплеметација на препораките Владата на Република Македонија ќе го покани Комесарот за човекови права да дојде во Република Македонија и да ја констатира состојбата. 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk