Обраќање на министерот Маневски на Министерскиот состанок во Кишињев, Молдавија и потпишување Меморандум за соработка  
     
 

31.10.2008

 
 

Министерот за правда  Михајло Маневски  денеска се обрати во рамки  на првата сесија на  Министерскиот состанок за правда и внатрешни работи  на земјите членки на Процесот на соработка на земјите од Југоисточна Европа  што  се одржува  во Кишињев, Молдавија, на тема “Правна и судска заштита од незаконската обработка на лични податоци”.

Министерот Маневски   информираше за интензивниот број на активности кои Република Македонија  во изминатиов период ги презеде во насока на воспоставување на правна и институционална  рамка како и за воспоставување на регионална и европска соработка на полето на заштитата на личните податоци.

Правото на заштита на личните податоци  рече Маневски е загарантитано во член 18 од Уставот на Република Македонија кое за прв пат е разработено со Законот за заштита на личните податоци од 1994 година. Во 2005 година се донесе нов Закон за заштита на личните податоци со кој се воспоставија стандардите од оваа област прифатени во европските држави.

Во 2005 година беше донесен и Законот за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа 108/81 за заштита на лица во однос на автоматската обработка на личните податоци, која е ратификувана и влезе во сила 2006 година. Чекор напред во областа на заштитата на личните податоци нагласи Маневски, беше и потпишувањето на Дополнителниот протокол кон Конвецијата во јануари 2008 година, а дополнително во август 2008 година беше донесен и Закон за негова ратификација.

Во однос на институционалната рамка за заштита на личните податоци во Република Македонија рече Маневски, во 2005 година се основа Дирекцијата за заштита на личните податоци, како самостоен и независен државен орган, со што се создадоа потребните претпоставки за ефективна заштита на ова право.

Во едно демократско општество никој не смее да се чувствува дека постојано е следен или набљудуван од некого, но од друга страна факт е дека ова станува се повеќе наша реалност рече Маневски.

Живееме во време кога заради борбата против тероризмот и организираниот криминал е многу тешко да се воспостави баланс помеѓу безбедносните мерки што се преземаат за спречување и откривање на криминалот, од една страна и заштитата на човековите права, од друга страна. Затоа, сосема е оправдано што во секоја европска држава се воспоставува адекватна правна и институционална рамка за заштита на личните податоци.

Со донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за заштита на личните податоци во 2008 година, се прошири важењето на одредбите на Законот и врз обработката на личните податоци заради заштита на интересите на одбраната, јавната и државната безбедност на Република Македонија, како и обработката на личните податоци при водењето на кривична постапка согласно Европските стандарди. Измените на Законот за заштита на лични податоци беа подготвени во соработка со Еуројуст и Европската Комисија кои дадоа позитивни мислења и го поздравуваат напредокот на РМ во оваа област рече Маневски.

Ова проширување е услов за понатамошни преговори за склучување на оперативен договор со ЕУРОПОЛ и потпишување на Договорот за соработка со ЕУРОЈУСТ. Ми претставува задоволство да Ве информирам дека Република Македонија ги иницира и успешно ги заврши преговорите како и ги исполни сите потребни предуслови за потпишување на Договор за судска соработка со ЕУРОЈУСТ. Токму пред нашето доаѓање на овој состанок, бевме известени дека Заедничкото Надзорно Тело на Евројуст даде позитивно мислење за Договорот со што пристапуваме кон негово потпишување.

Европските стандарди наметнуваат органите надлежни за заштита на личните податоци да се грижат за воспоставување и почитување на основните принципи за заштита на личните податоци, како и да се спротивставуваат на незаконската обработка на личните податоци.

Токму во функција на исполнување на овие европските стандарди е и потпишувањето на Меморандумот за правни и правосудни гаранции против незаконската обработка на лични податоци од страна на земјите членки на процесот за соработка на Југоисточна Европа.

Министерот за правда Михајло Маневски заедно со колегите Министри за правда на земјите членки на Процесот за Соработка на Југоисточна Европа потпишаа Меморандум за судски и правни гаранции против незаконската обработка на лични податоци во насока на зајакнување на регионалната соработка и зајакнување на домашното законодавство за обезбедување на ова право.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk