Најава на активности - Пуштање во употреба на нови простории на Основен суд Прилеп  
     
 

31.10.2008

 
 

         Владата на Република Македонија и Министерството за правда преземаат активности за ефикасно  спроведување на реформите во правосудството и создавање на подобри услови за работење на судиите .

           Правосудните институции имаат  значајна улога во остварувањето на правдата и владеење на правото и претставуваат основна гаранција за правата и слободите на граѓаните. Токму поради тоа креирањето и создавањето услови за нивна работа согласно европските стандарди се приоритети за Министерството и за  Владата на Република Македонија.

На 3.11.2008 год. ќе биде пуштен во употреба новиот дел на судската зграда на Основен суд Прилеп.

Реновирањето на судската зграда во Прилеп, е дел од Проектот за правна и правосудна имплементација и институционална поддршка, финасиран во рамки на заемот од Светска банка, а под покровителство на Министерство за правда.

Во рамки на проектот, е извршено опремувањето со мебел на Основниот суд Прилеп. Опремувањето се однесува на доградениот простор од 3000 м2, со што комплетно е опремена архива со статични и мобилни архивски плакари за чување на судски документи, шалтер сала, 2 репрезентативни судници, 12 судници за тричлен судски совет, конференциска сала, 14 судски кабинети и останати простории наменети за судска администрација. 

Целта на Проектот е подобрување на судската ефикасност и ефективност, зајакнување на капацитетите на правосудните институции за имплементација на Стратегијата за реформи во судството, како и на законите што влијаат на функционирањето на судството и подобрување на судската инфраструктура. 

Во рамките на Проектот, започнати се низа градежни активности кои се однесуваат на адаптација – реновирање на 11 Основни судови со проширена надлежност. Проектната документација е комплетно изготвена за сите судски објекти, а моментно е во тек изведбата на градежните работи во Основните судови: Охрид, Струга, Тетово, Велес, Штип и Струмица. Изготвена е физибилити студија за изградба на новата судска зграда Кривичен суд Скопје, и започната е постапка за уредување на градежната локација.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk