Пуштен во употреба новиот дел од судската зграда во Прилеп  
     
 

03.11.2008

 
 

МИА - Убеден сум дека преку изградбата на модерно судство и јакнење на судската власт ќе се зацврсти довербата на граѓаните во правната држава и во владеењето на правото, рече денеска министерот за правда Михајло Маневски при пуштањето во употреба на новиот дел од судската зграда во Прилеп. На свеченоста присуствуваа и претседателот на Врховниот суд на РМ Јово Вангеловски  и на Републичкиот судски совет Бекир Исеини.

Изградбата и опремувањето на новите преку две илјади метри квадратни се дел од Проектот за правна и правосудна имплементација и институционална поддршка, финансиран од заемот од Светската банка, а дел и од Републичкиот буџет.

Прилеп доби комплетно опремен простор за судската архива,  12 судници за тричлен судски совет, две репрезентативни судници,  четиринаесет судиски кабинети и простории за судската администрација. Вложени се 74 милиони денари од Републичкиот судски совет и уште 12 милиони и 300 илјади денари за мебелот, пари обезбедени од Министерството за правда.

- Проектот за модернизација на судството тежок близу 12  милиони долари со заемот од Светска банка и со пари од Републичкиот буџет активно се спроведува. Министерството има инвестициони активности на десет локации: во судовите со проширена надлежност во Тетово, Струга, Охрид, Велес, Струмица, Штип, а се отвораат тендери за изградба и реновирањето на судовите во Куманово, Гевгелија, Гостивар и во Кочани, рече Маневски. 

По сериозните забелешки од Европската комисија, како што додаде тој, со новиот буџет ќе се поправи финансиската состојба во судовите.

Според Маневски, условите во затворите се менуваат на подобро. - Тоа е направено со изградбата на новиот затвор во Куманово и Скопје. Пред неколку месеци беше отворен реновираниот затвор во Прилеп, пред една недела  и казненопоправниот дом во Штип. Има цел стручен медицински тим во Идризово со што целосно се подобруваат условите во затворите, додаде министерот.

Маневски во оваа прилика изрази убедување дека обновениот суд во Прилеп ќе биде мост на разбирањето со порака до сите да веруваат во институциите на системот како гарант за сигурен живот на граѓаните.

Градот Прилеп, кој денеска го одбележа и 3-ти ноември – Денот на ослободувањето на градот, ја презеде обврската за изградба на убав, модерен парк околу судската палата.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk