ЕУ Западен Балкан Министерски форум Загреб Хрватска:Обраќање и презентација на министерот Маневски и средба со г-ѓа Рашида Дати  
     
 

07.11.2008

 
 

Во рамки на Министерскиот состанок на министрите за правда и внатрешни работи министерот за правда Маневски  се обрати  и ги информираше присутните за правната и институционалната рамка како и  за  напредокот на РМ во делот на борбата против корупцијата.

Министерот за правда Михајло Маневски денеска се сретна со г-ѓа Рашида Дати, министер за правда на Франција

Г-ѓа Дати искажа пофалби за Република Македонија и за големиот број конкретно преземени мерки на легислативен и институционален план за борба против корупцијата и особено на полето на конфискацијата.

 Во рамки на обраќањето Министерот Маневски истакна дека Република Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ интензивно работи на спроведувањето на ефикасна борба против корупцијата. Владата на Република Македонија ја постави борбата против корупцијата како еден од своите врвни приоритети и постојано ја демонстрира јасно изразената политичка волја за остварување на овој приоритет. 

Со цел за обезбедување на ефикасна превенција и сузбивање на корупцијата, Владата презеде бројни активности, и тоа: 

1.   Доуредување на веќе воспоставената правна рамка и нејзино усогласување со стандардите на ЕУ и меѓународните антикорупциски инструменти,

2.  Институционално зајакнување на органите и институциите вклучени во борбата против корупцијата,

3.  Успешно откривање и ефикасно спроведување на постапките против софистицираните корупциски дела и

4.  Активности за подигнувањето на нивото на јавната свест на граѓаните.

Во насока на ДОУРЕДУВАЊЕТО НА ПРАВНАТА РАМКА за борба против корупцијата, Владата:

·         Во март 2007 ја ратификуваше Конвенцијата против корупција на Обединетите нации, како инзвонредно значаен меѓународен инструмент во оваа област,

·         Изврши измена на постоечките закони, вградувајќи ги меѓународните стандарди за борба против корупцијата и донесе нови закони за дополнување на оваа правна рамка.          

Правната рамка на антикорупциската политика ја сочинуваат низа нови закони, меѓу кои:

-    Законот за измени и дополнување на Законот за спречување на корупција од јануари 2008 година,

-    Законот за нотаријат, кој воведува обврска на нотарите да го пријават секое сомневање за делата корупција и перење пари кај странките,

-    Законот за спречување на судир на интереси, кој има за цел постигнување поголема транспарентност во насока на надминување на состојбите кои водат кон судир на интереси кај носителите на јавни функции и воопшто кај службените лица кои работат во државни органи,

-    како и: новиот Закон за финансиска полиција од мај 2007 година,

-    новиот Закон за јавни набавки,

-    Законот за измени и дополнувања на Законот за државна ревизија,

-    Со најновиот Закон за измена и дополнување на Законот за судови, од март 2008 година, во основниот суд Скопје И се воведува специјализирано судско одделение надлежно за судење на кривични дела од областа на организиран криминал и корупција за целата територија на Република Македонија,

-    Со цел за зајакнување на капацитетите на Јавното обвинителство за постапување по кривични дела од областа на организиран криминал и корупција, по предлог на Владата на Република Македонија беше усвоен Законот за јавно обвинителство, со кој се предвидува формирање на ново посебно Јавно обвинителство за организиран криминал и корупција,

-    Со цел да се избегнат злоупотребите и недомаќинското однесување во постапувањето со конфискуваниот имот, донесен е Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка. За неговата имплементација ќе се формира Агенција за постапување со конфискуван имот,

-    Воедно, донесени се измени и дополнувања на Изборниот законик, кои, меѓудругото, имаат за цел зголемување на транспарентноста на финансирањето на политичките партии и доуредување на прашањето за финансирањето на изборните кампањи.

-    Во рамките на реформите на казненото законодавство, во постапка е понатамошното услогласување на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка со меѓународните стандарди за борба против корупцијата.

Воедно, донесени се Кодекси на однесување и стратегии за борба против корупцијата на поединечните органи на државната управа како и меморандуми за меѓусебна соработка на овие органи, а Државната комисија за спречување на корупција во мај 2008 година ја донесе Државната програма за превенција и намалување на појавата на судир на интереси со Акционен план.

Во овој контекст, како битен факт, Маневски истакна дека Владата на Република Македонија усвои Акциски план за борба против корупцијата 2007 – 2011 а со цел за координација и следење на имплементацијата на мерките и активностите предвидени во Акцискиот план, Владата на Република Македонија во февруари 2008 година формираше Совет за спроведувањето на Акцискиот план.  Советот одржува редовни состаноци и редовно ја следи имплементацијата на активностите од планот.

Министерот Маневски тука  го спомена и уште утврдувањето на фискалните импликации на Акцискиот план, нивното усвојување како Анекс на планот во март 2008 како и издвојувањето на потребните финансиски средства од Буџетот на Република Македонија за нивна реализација.

Во рамките на антикорупциските активности на Владата, се одржуваат редовни состаноци на Меѓуресорско тело за координација на активностите против корупција.

            Доказ за напредокот во борбата против корупцијата претставува и Извештајот на ГРЕКО (Група на држави за борба против корупција на Советот на Европа) за вториот круг на евалуација, каде се истакнува дека Република Македонија успешно имплементираше две третини (2/3) од препораките на ГРЕКО а во меѓувреме од страна на државните органи и институции на Република Македонија беа преземени низа мерки и активности за реализација на преостанатите препораки.

            Моментално, во тек се подготовки за третиот круг на евалуација на ГРЕКО кој ќе се одвива во 2009 година. 

И на крајот, она со што можеме да се пофалиме  и посебно да го потенцираме во оваа насока рече маневски  е бројот на изречени судски пресуди во текот на 2007 и 2008 година како и тековни судски постапки за кривични дела корупција што е резултат не само на политичката воља туку и на КООРДИНИРАНИТЕ АКТИВНОСТИ НА ОРГАНИТЕ НА ПРОГОНОТ КАКО И ЗГОЛЕМЕНАТА ЕФИКАСНОСТ НА СУДОВИТЕ  во однос на предметите поврзани со корупција.

Структурата на обвинетите, односно осудените е, исто така индикативна и укажува дека Владата на Република Македонија во справувањето со ова зло не поштедува никој, без разлика на професија, општествена положба или припадност на политичка партија.

 Само неколку конкретни податоци за постапувањето на правосудните органи по кривични дела корупција:

  ·   Во текот на 2007 и 2008 година, беа покренати голем број јавнообвинителски истраги и судска разрешница добија голем број судски случаи за кривични дела корупција

  ·    Финиширани беа и повеќе случаи на корупција во Царината, Управата за јавни приходи, како и случаи на обвинети судии, адвокати, градоначалници, раководни државни службеници;

  ·   Воедно, во тек е и најголемиот судскиот процес - “Змиско око”, во кој се обвинети вкупно 72 лица.

За одбележување е и фактот што Владата на Република Македонија промовира и ШИРОКА НАЦИОНАЛНА КАМПАЊА, која го поттикнува учеството на сите субјекти во борбата против корупцијата, што резултираше и со поактивен пристап на граѓаните во борбата против коупцијата-истакна Маневски 

Министерот Маневски на форумот презентираше случај кој вклучува елементи на мегународна соработка во борбата против финансискиот криминал.

 

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk