Во Македонија над 10 илјади нерешени судски предмети, најавени санкции ако не се решат до јуни 2009  
     
 

14.11.2008

 
 

МИА - Во Основните судови во Република Македонија од 1990 година до 2006 има над 10.574 нерешени стари предмети. Од нив најголем број - 4.111 се од Основниот суд Скопје 2, 2.026 се во Основниот суд во Куманово, 856 во Битола и 964 во Основниот суд Скопје 1.

Има предмети за кои постапката траела од 10 до над 25 години, а за предметите за кои постапката траела над 20 години се одржувани по 40, 50 и по 55 рочишта, по што сепак предметите останувале нерешени, покажуваат податоците од Информацијата на Министерството за правда за нерешените предмети во судовите.

Поради вака големиот број нерешени предмети кои оставаат грда слика за судството, министерот за правда Михајло Маневски на денешната средба со претседателите на судовите и раководителите на нивните оддели, како и претседателите на Врховниот, апелациските и судовите со проширена надлежност, побара тие да бидат решени до јуни 2009 година.

- Нема предмет што не може да биде решен. Не може и понатаму по неколку пати да се укинуваат пресудите и да се враќаат на повторно судење. Повисоките судови се должни мериторно да одлучат. Ставете се во положба да биде тужител или тужен, оштетен или обвинет и некој суд да ве повикува 10,15, 30 па и 50 пати на судење и тоа за време од 10, 15 или повеќе од 20 години, а да не добиете никаква одлука. Какво би било вашето мсилење за судството. Ние постоиме и работиме за остварувањето на правата и слободите на граѓаните. Токму во тоа име ве повикувам неодложно да ги преземете сите мерки за надминување на оваа состојба која понатаму не смее да се повтори. Обврските и одговорностите се ваши поединечни и конкретни, а не општи и неконкретни, истакна министерот Маневски на денешната средба.

Тој најави дека доколку овие премети не бидат решени судиите ќе се соочат со одговорност.

- Секој судија кој нема да постапи согласно овие заклучоци и нема да ги реши предметите заклучно со јуни 2009 година ќе биде изложен на одговорност заради несовесно вршење на судската функција. Секој премет и секој судија ќе биде на разгледување пред Судскиот совет кој ќе ја утврди неговата одговорност. Дали казната ќе биде парична или разрешување тоа е работа на Советот, рече Маневски додавајќи дека на одговорност ќе бидат земени не само судиите кои во моментов ги имаат предметите, туку и оние кои постапувале долги години по предметот, а не донеле одлука.

Според Маневски, причините за вака големот број нерешени судски предмети лежат пред се во лошата организација на работата на судовите, во субјективните слабости, но тој не ја исклучи можноста одредени случаи да се одоговлекувани намерно, а мотив да биде корумпираноста на одредени судии.



- Може да се постави прашањето зошто некој предмет толку стои во фиоките, што се крие зад тоа, дали предметот смислено се крие и не се решава заради различни причини. Борбата против корупцијата значи и борба против корупцијата во судството. Нема да дозволиме и понатака да се созадаваат такви состојби, рече Маневски.

Во вкупниот број нерешени предмети 194 се предмети од 1990 до 1995 година, а во годините што следуваат бројот на нерешени предмети постојано се зголемува, така што од 1.174 нерешени предмети во 2004 година бројот се зголемил на 4. 842 предмети во 2006 година.

Најголем број нерешени предмети се од граѓанската област и тоа 4. 314 предмети, од тоа 1.659 стопански предмети, 1.735 предмети од оставинска постапка, 1.174 кривични предмети, 528 стечајни и други.

Според Маневски, особено загрижува фактот што е голем бројот на нерешени стечајни и стопански спорови какви има дури од 1996 година.

Како покарактеристични Маневски ги посочи предметот за оставинска постапка кој се водел дури 27 години, по што било донесено решение за запирање на постапката, и спорот од работен однос од 1994 година со одржани 27 рочишта и донесени три пресуди, кои биле укинати од повисоките судови и вратени на повторно одлучување.

За тежината на состојбата, додаде Маневски, особено говори и фактот што Македонија била задолжена да ја  надомести штета на повеќе лица за 40 случаи со пресуда на Европскиот суд за човекови права во Стразбур заради повреда на право на судење во разумен рок. Во еден од предметите постапката траела 24 години, во другиот 22 години и се уште трае, а во трет случај постапката траела 33 години.

Според направените анализи, големиот број нерешени и доглогодишни предмет се резултат на одложување на рочиштата и претресите, како и некористење на инструментите кои ги даваат процесните закони за спречување на злоупотреба и непотребно одоговлекување на постапката. Не се почитува ниту итноста во спроведувањето на постапката кои и со закон се итни како што се работните спорови, стечајните постапки, семејните спорови и други.

  Обраќање на министерот за правда Михајло Маневски (интегрален текст) ...

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk