Научна расправа МАНУ:- Европските стандарди за човековите права и нивна имплементација во правниот систем на РМ  
     
 

18.11.2008

 
 

Министерот за правда Михајло Маневски денеска имаше поздравно обраќање на свеченото отворање во Македонската Академија на науките и уметностите.

Голема чест е да се говори денес земајќи го во предвид фактот дека се работи за едно исклучително важно прашање за Република Македонија рече министерот Маневски. Почитувањето на човековите права и слободи е наша определба тоа да биде уставен принцип, фундаментален столб и одредница во изградбата на иднината на оваа земја.

Истовремено, нагласи Маневски човековите права претставуваат прашање од особена важност за Европската Унија и суштински критериум за секоја земја – кандидат. Тие се од особена важност за нашата држава како земја со мултикултурно и мултиетничко општество. Постигнувањето на европските стандарди во уживањето и заштитата на човековите права претставува цел за чие остварување сите релевантни актери преземаат бројни мерки и активности.

Во таа смисла, Министерството за правда, како надлежен орган за Поглавјето 23 Соработка на полето-правосудство и фундаментални права и анти-корупциска политика, презема континуирани активности во правец на приближување на националното законодавство кон законодавството на Европската Унија посочи Маневски.

Во тек е спроведувањето на реформи од суштински карактер кои ќе го зацврстат судството во насока на неговата улога на транспарентен и одговорен заштитник на човековите права и слободи.

Со реформите во кривичното законодавство, како во материјалниот така и во формалниот дел, се обезбедува имплементација на значајни стандарди утврдени со меѓународните инструменти, а пред се со актите донесени во рамките на Советот на Европа и Европската унија. 

Исто така, потсети Маневски во тек е изготвувањето на законски текстови кои ќе ја подобрат состојбата со извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, ќе ја зајакнат положбата на Владиниот агент кој ја застапува Република Македонија пред судот во Стразбур и ќе ја зголемат свеста на судиите и обвинителите за нивната улога во системот на човекови права.

Секогаш мора да се има во предвид дека реформските процеси кои се спроведуваат, треба да поаѓаат од специфичностите и од потребата за обезбедување подобар и посигурен живот на сите граѓаните на Република Македонија и гарантирање на нивните уставни права и слободи нагласи Маневски.

Бројни се прашањата на кои треба да работиме, а особено во процесот на имплементација на европските стандарди. Во таа насока, рече Маневски Владата изразува поддршка и подготвеност за активна соработка со научната мисла заради дефинирање на Република Македонија како вистинска правна и демократска држава.

Со денешната расправа потенцира Маневски, МАНУ ја демонстрира подготвеноста како највисока научна институција во земјата да продолжи да работи на предизвиците на нашето современо живеење и да даде неопходен импулс за промени во нашиот општествен систем.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk