Министерот за правда Михајло Маневски и Претседателот на Колегиумот на ЕВРОПРАВДА (EUROJUST) г. Хозе Луиц Лопес да Мота денеска во Брисел го потпишаа Договорот за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и ЕВРОПРАВДА (EUROJUST).
Министерот Маневски по повод потпишувањето на Договорот истакна дека чинот на потпишувањето на Договорот за соработка во истрагата и подигнувањето на обвинение за кривични дела на организираниот криминал и корупцијата, вклучувајќи го и тероризмот, претставува голем чекор напред во процесот на Евроинтеграцијата на Република Македонија во телата на Унијата.
Ова е од посебно заначење истакна министерот Маневски,бидејќи Република Македонија ги исполни сите услови и критериуми за склучување на Договорот, како што се донесување на Законот за јавното обвинителство и негова имплементација, измените на Законот за заштита на личните податоци во кој се вградени високи Европски стандарди и е целосно усогласен со европската регулатива и воопшто напредокот во спроведувањето на судските реформи и ефикасноста на судскиот систем.
Министерот Маневски изрази посебна благодарност на Советот на министри, на Колегиумот на EUROJUST и на директорот г.Да Мота за успешно завршување на разговорите и потпишување на Договорот, за заемното разбирање,соработка и доверба во изминатите неколку месеци.
Потпишувањето на Договорот за соработка е една од обврските на Република Македонија за членство во ЕУ, која согласно Националната програма за приближување кон законодавството на ЕУ, се реализира во планираниот рок ,крајот на 2008 година.