Јавна расправа за амандманот ХХХI на Уставот на Република Македонија  
     
 

02.12.2008

 
 

МИА - Во организација на Министерството за правда денеска се одржа јавна расправа по Нацрт - амандманот 31 од Уставот на Република Македонија, во делот за избор на претседател на државата.

Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 24 ноември годинава го утврди текстот за Нацрт амандманот 31 на Уставот.

Министерот за правда Михајло Маневски пред присутните истакна дека предвидените измени на Уставот се однесуваат на намалување на цензусот за избор на претседател на 40 отсто во вториот круг.

- Во конечниот извештај на Набљудувачката мисија на ОДИХР-ОБСЕ по спроведените претседателски избори во 2004 година се препорачува да се отстрани пропишаниот услов со Уставот повеќе од 50 отсто од избирачите да го дадат својот глас во вториот круг за да се избере претседател со цел да се избегне можноста од неуспешни избори, рече Маневски.

Во контекст на тоа, тој додаде дека тргнувајќи од реалните состојби и почитувајќи ги препораките во врска со цензусот утврден со ставот 5 од членот 81 од Уставот на Република Македонија, Владата подготви предлог за пристапување кон измени на Уставот со насоки за негово изменување.

Со измените, како што посочи Маневски, се предвидува за претседател на Република Македонија да биде избран кандидатот кој во вториот круг освоил мнозинство од гласовите од избирачите што гласале, доколку на гласање излегле повеќе од 40 отсто од избирачите, а не како досега 50 отсто од запишаните гласачи плус еден гласач.

Со тоа, според него, се поедноставува постапката за избор на претседател и се отстранува можноста од повторување на постапката за избор, како и за организирање неуспешни претседателски избори.

- За да се востанови оваа методолпогија во предвид се земени и компаративните искуства од 15-тина земји. Најголемиот дел од законодавствата не предвидуваат долен цензус, особено кога се работи за втор изборен круг, појасни министерот за правда.

Дарко Алексов од МОСТ рече дека го поздравуваат овој потег, затоа што со консензус на парламентарните политички партии е дојдено до ова решение. Притоа, тој праша каков тип на методологија е аплицирана за да се дојде до 40 проценти одѕив и предложи тој процент да се намали на 30 или воопшто да го нема, како што е во голем број земји во Европа.



Според Алексов, тоа ќе допринесе и за намалување на нерегуларностите на терен на самиот изборен ден и ќе ја врати довербата во изборниот процес кај самите граѓани.



Професорката Гордана Силјановска рече дека се работи за невообичаено решение и оти во сите земји што ги познава во вториот изборен круг не се бара изборен цензус. - Ако во вториот круг одат само двајцата најдобри кандидати, тогаш треба да се дојде до избор, а не до повторување на целата процедура. Значи да се избере еден од двајцата кандидати, додаде Силјановска.

Според професорката Тања Каракамишева досегашниот избор на претседател на Република Македонија е најсложената постапка, која не е видена во ниту еден систем.

Таа апелира да се разгледа  моментот на вториот изборен круг и моментот на промена на цензусот, кој се однесува на првиот изборен круг.- Можеби е добро да се направи ротирање, односно овие 40 насто да се стават во првиот изборен круг. Значи наместо да се бара мнозинство од вкупниот број запишани избирачи во Единствениот избирачки список да се бара мнозинство од излезените гласачи, доколку на изборите излегле 40 отсто од вкупниот број избирачи. Можеби на тој начин ќе се поправи дефектот кој постои во моменталната уставна одредба и да се приближиме до некои компатибилни искуства, додаде таа.

Според неа, можеби е добро да се прифатат моделите од Словенија и Хрватска каде при избор на претседател се бара мнозинство од излезените гласачи.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk