Работилницата на тема „Како да се подготват претстојните избори со цел да се организираат веродостојни и фер избори“  
     
 

16.12.2008

 
 

МИА - Во организација на ДИК, а  во соработка со  Советот на Европа  и финансиски поддршка од Директоратот за политички прашања и Информативната канцеларија на Советот на Европа во Скопје., денеска   започна работилница на тема: Како да се подготват претстојните избори со цел да се организираат веродостојни и фер избори“.

-  Република Македонија има капацитет да спроведе фер и демократски локални и претседателски избори во март 2009 година, истакна министерот за правда Михајло Маневски денеска на отворањето на  работилница .

- Република Македонија е исправена пред еден демократски чин да мора да спроведе фер и демократски избори, не поради тоа што треба да одиме во Европа, туку заради тоа што македонските граѓани треба да го изразат своето право на глас, истакна Маневски.

Донесувањето на измените и дополнувањата на Изборниот законик и се што се прави на планот на разработување на одредбите и на едукацијата на изборните органи, како што рече министерот за правда, ќе значат гаранција дека наредните избори ќе бидат спроведени во фер и демократска атмосфера.

- Нема ништо позначајно за Република Македонија од тоа во втората половина на март 2009 година да се спроведат фер и демократски локални и претседателски избори, а за спроведување на тие цели мора да се овозможи остварување на правото на граѓаните да можат во една демократска атмосфера да излезат на изборите и да гласаат самите за себе, нагласи Маневски.

Тој посочи дека мора да се надминат изборните нерегуларности што беа забележани на предвремените парламентарни избори и тоа никогаш повеќе да не се повтори.- За изборни нерегуларности изречени се казни за 33 лица во кривична и прекршочна постапка од страна на судовите во  Македонија, додаде Маневски.

Зборувајќи за измените во Изборниот законик, министерот за правда меѓу другото рече дека финансирањето на изборната кампања не може да биде од неидентификувани извори, туку од донации за кои мора да се води регистар и да се знае од каде се средствата.

- Треба да се обезбеди комплетен увид и јавност на средствата кои ќе бидат потрошени од секоја политичка партија во финансирањето на изборната кампања. Законот пропишува во рок од 15 дена Државниот завод за ревизија јавно да го објави извештајот,  да изврши контрола и надзор, појасни Маневски.

Министерот за правда истакна дека со Изборниот законик и се дава надлежност на ДИК да може да предлага одредено казнено гонење, што може да биде и во однос на нерегуларностите во финансирањето на изборната кампања.

Претседателот на ДИК Александар Новаковски рече дека има доволно време до изборите и дека Државната изборна комисија е професионална. - Фактот дека четворица членови од стариот состав на ДИК останаа се покажа како добра одлука, додаде тој.

Како претседател на ДИК, Новаковски вети дека во делот на казнените постапки ќе бидат поажурни, посебно за прекршувањата што се случуваа од страна на избирачките одбори, бидејќи тие се од редот на државните службеници или од јавната администрација.

Професорката од Правниот факултет од Скопје Гордана Силјановска истакна дека генерално мислење е оти европските изборни стандарди се вградени во изборното законадавство. Според неа, тоа не значи гаранција за регуларни и демократски избори, затоа што клучен актер во изборниот процес  се политичките партии.

- Основната забелешка не се однесува на внатрешните решенија бидејќи во голем степен се почитувани, туку на  измените на изборното законодавство во РМ, бидејќи според Кодексот на Венецијанската комисија за добри изборни практики во последната година од мандатот не би требало да се менуваат клучни закони, а особено не изборното законодавство од аспект на изборниот модел и од аспект на составот на изборните комисии, рече Силјановска.

Среќна околност за Македонија, како што додаде професорката Силјановска, е тоа што во најголема мерка составот на изборните комисии остана истиот со многу мали измени.

На дводневната работилница што денеска и утре се одржува во Скопје учествуваат членовите и службите на ДИК, претседатели - претставници на општинските изборни комисии, претставници на политички партии, на невладини организации и на меѓународни институции активни во оваа област.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk